По повод првостепената пресуда на судот во Загреб по тужбата на поранешниот хрватски министер за култура, Златко Хасанбеговиќ против колумнистот Анте Томиќ, коментира Мехмед Халиловиќ за Анализа.
Министер во влада не смее да се нарече „ретард“, „невозможно суштество, политички минотаур“, „идеолошки еднорог“, „усташки кловн“, „бедник“ …
Таквите квалификации се секако навредливи, па и вознемирувачки и шокантни. Ако тоа не се факти, што е очигледно, зарем тоа не се вредносни судови според стандардите на Европскиот суд за заштита на човековите права и според Европската конвенција за заштита на човековите права и темелните слободи? Каде пишува дека таквите квалификации не смее, односно не можат да им се дадат на министри во било која влада?
Не пишува никаде, но ќе се напише. Ова е, всушност, суштината на пресудата на Општинскиот граѓански суд во Загреб, која беше донесена неодамна. Навистина, пресудата е првостепена, но јавно е соопштена и објавена во медиумите. Најважно ќе биде каква ќе биде второстепената правосилна, ако дојде до неа. Невозможно е да се замисли дека сè ќе заврши само во првостепениот суд.
Јавните настапи на министерот се скандалозни
Случајот е стар повеќе од две години и не е непознат на јавноста. Познатиот хрватски писател, новинар и колумнист Анте Томиќ објави на 28 јануари 2016 колумна во белградски НИН под наслов „Јадовите на политичкиот минотаур“. Тој текст е и на Фејсбук страницата на ова списание, кое потоа го презедоа бројни портали во регионот, вклучувајќи ја и Бука.
Анте Томиќ горенаведените квалификации ги намени на хрватскиот историчар и во тоа време новоименуван хрватски министер за култура, Златко Хасанбеговиќ, иако, според неговите зборови, „ чувствува одредена симпатија за тој ретард“. Од која причина наклонетост? „Ме допира до срцето слабоумноста на овој загрепски муслиман. Откако Туѓман ја делеше Босна, колењето во Ахмичи и хрватските концентрациони логори за Бошњаците, просто го сожалувам усташкиот кловн кој се обидува да им се допадне на оние кои го презираат и зад грб, тивко го нарекуваат балија“ напишана Томиќ. И не запре на тоа.
– Стотици писатели, режисери, актери, сликари и дизајнери изминатите неколку дена се спротивставија на Златко Хасанбеговиќ, новиот хрватски министер за култура – пишува Томиќ то текстот. „На мојата електронска пошта секој ден ми доаѓа барем една петиција на некоја професионална организација или писмо на некој колега огорчен од ревизионистичкиот историчар, член на Почесниот блајбуршки вод, кој отворено се возбудува од НДХ. А јас молчам, никому не одговарам ништо. Иако обично не пропуштам шанса за добар пичвајз, а на националистичките гадови кои плукаат на партизаните сум особено алергичен, за Хасанбеговиќ не се изјаснувам. Ќе го направам тоа само тука, во белградски весник, подалеку од Хрватска“. Томиќ заклучува дека „неговите (на Хасанбеговиќ) ставови, се разбира, се скандалозни“ и дека е „сосема несоодветен за министер“.
Зошто беше надлежен загрепскиот суд?
Тоа „оддалечување“ од Хрватска не му помогна на авторот. НИН се чита и во Хрватска (самиот Хасанбеговиќ за време на судењето изјави дека неговиот кабинет е претплатен на тој неделник). А беше пренесен и од бројни онлајн медиуми, меѓу кои и некои хрватски. Следеше тужба во Загреб. Зошто во Загреб, а не во Белград, каде е седиштето на НИН?
Во Југословенската судска практика таквите тужби беа приватни кривични тужби и секогаш се поднесуваа во седиштето на издавачот на весникот, како и во случај на радио и телевизијата, иако такви случаи практично немаше. Откако во меѓувреме тужбите за клевета и навреда се декриминализирани прифатено е основното начело на парнична постапка во надлежност на судот според местото каде е сторена штетата. Во случаи на клевета и навреда, еден од клучните елементи е нематеријалната штета на угледот и достоинството на повредената личност.
Значи, Златко Хасанбеговиќ можеше да го тужи авторот (а можеше да ги тужи и уредникот и издавачот на НИН) и во Белград и во Загреб. Тој можеше да ги тужи и порталите кои го пренесоа текстот, повторно било каде според неговата проценка за тоа каде претрпел (најголема) штета. Сосема е логично што тоа го сторил во Загреб. Во Хрватска е познат примерот на судскиот процес кој се одржа во Славонски Брод затоа што локалните весници пренеле текст од повоен загрепски таблоид Империјал бидејќи тужителот докажал дека штетата ја трпел само во таа средина во која живее.
Флертување со усташтвото и релативизирање на антифашизмот
На што е базирана тужбата на Хасанбеговиќ? На кратко, се тврди дека Томиќ „го навредувал неговото право на особеност“, дека тој му „нанел нематеријална штета“ и дека „намерно и злонамерно го прикажал како малоумник, кловн и ридикул, па и како бедник, значи како човек кој не заслужува почит од околината и пристоен однос од другите луѓе“. Во тужбата се наведува дека тој (Хасанбеговиќ) „со денови не можел да заспие“, дека се чувствувал „вознемирено“ и дека штетата не е предизвикана само нему туку и на неговото семејство и на децата кои и на училиште и на улица доживувале дофрлања „какви што се наведени и во оспорениот текст“.
Адвокатката на Томиќ, Весна Алабуриќ, одговори на оваа тужба. Додека адвокатот Јоњиќ во тужбата го цитираше Томиќ, Алабуриќ во одговорот го цитираше Хасанбеговиќ. Ги наведе квалификациите кои ги употребува министерот во јавни говори кога зборува за своите политички противници, нарекувајќи ги „славосрпски опсенари“, „лицемери“, „морални изроди“, „салонски апологети“, „конјуктурни историчари“ и „субверзивни активисти на јаслите на државниот буџет и мултинационалните корпорации“.
Како одговор на тужбата се наведуваат и други изјави на Хасанбеговиќ кои имале одглас во јавноста, како што се неговите оценки за „усташките херои чии маченички и шехидски коски сега се превртуваат во земјата од јад и срам“, за излезот „од овој мрачен тунел кон помирување , слога и верска толеранција, а вистински слободна и обединета татковина од Мура, Драва и Дрина, до Јадранското море“ и за тоа дека „антифашизмот не е темел на оваа држава туку флоскула која нема основаност во уставниот текст“,односно дека 1945 е „нашата најголема трагедија и пораз“. Адвокатката побара судот во Загреб, навредливите оценки на Томиќ да ги вреднува во овој контекст, причините и мотивите поради кои се напишани и објавени, алудирајќи на флертувањето на Хасанбеговиќ со усташтвото и релативизирањето на антифашизмот.
Можете да навредите, но не и да клевите
Иако случајот сѐ уште не добил своја завршница, нема никаков сомнеж дека тој ќе го определи односот меѓу политиката и новинарството во Хрватска. Дали јавните личности, особено а политичарите и министрите, ќе бидат заштитена каста на која не смее да ѝ се даваат навредливи квалификации, без оглед на тоа што го зборуваат и работат? Ако и второстепениот суд го заземе истиот став како Општинскиот граѓански суд во Загреб, тоа ќе биде битно отстапување од стандардите на Европскиот суд и враќање на Хрватска неколку чекори наназад во ограничување на правото на слобода на изразување.
На испит се хрватските судови, како и хрватските јавни личности. Многу од нив, меѓу кои токму политичари (Јадранка Косор, Владимир Шекс, Пеѓа Грбин и други), па дури и во случај на најтешки навреди не поднесуваа тужби.
Кои се стандардите на Европскиот суд најдобро се гледа од пресудата на Европскиот суд Лингенс против Австрија од 1986. Во неа се наведува дека „слободата на политичката дебата е во сржта на концептот на едно демократско општество“ и дека „политичарот е неизбежно и свесно поотворен за темелно истражување на секој негов или нејзин збор и според тоа треба да покаже поголем степен на толеранција“.
Политичарите и јавните личности може да ги навредувате, особено кога постои некоја фактичка основа за тоа, како во овој случај, но не смеете да ги клеветите. Значи, смеете многу остро да ги критикувате нивните говори, однесувања и работа, со користење на квалификации кои може да „навредат, вознемират или шокираат“ (формулација од законот за клевета во БиХ), но не смеете да објавите лажни информации ( „невистинити факти“, односно „нешто неточно“, повторно формулации од нашите закони).
Подготви: А.Ј.
ФОТО: you tube