Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во најголем дел од неговото обраќање за Илинден од струшко Ташмаруништа, зборуваше за своите политички противници и за криминалот и правдата.
Го спомена и случајот „Рекет“ каде осомничени се Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец, кои според Мицкоски, немало да станат моќни без поддршка од власта.
– Правдата е замолчена, а криминалниот октопод царува. Новинари се викаат на сослушување, а криминалците за кои тие пишуваат се уште се на државна плата, или на чело на скапите тендери платени со државни пари. И не е проблем ниту првот ниту второосомничениот во случајот „Рекет“. Сите знаат дека ниту прво ниту второосомничениот немаше да имаат никаква сила доколку зад нивниот грб не беа функционерите од врхушката на СДСМ, во јавноста познати како Кики, Фрики, предводени од сценаристот, режисерот и предводникот Зоки Поки – рече Мицкоски.
Тој зборуваше за СЈО и за тоа дека Катица Јанева и Зоран Заев местеле случаи, и оти сега се прават сите напори за да се спаси специјалната обвинителка затоа што, според Мицкоски, премногу знаела, па приерот се плаши да не проговори.
– А ако се процени дека и Јанева станува штетна за премиерот, бидете сигурни дека Рускоска обвинителството ќе стапи на сцена и некое утро ќе бидеме сведоци како се откажал и од Јанева, исто како што ќе се откаже и од сите други криминални ликови само да го заштити својот криминал и криминалот на своето семејство. И бидете сигури дека тоа лажно ќе сака да го прикаже како некаква борба за правда,во период кога знаат дека правдата со Заев не е можна – рече Мицкоски.