По најавата од Управата за хидрометеоролошки работи дека се очекуваат исклучително топли денови со температури до 41 степен, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) порачува да се почитуваат мерките и препораките за заштита на работниците кои работат на отворено, како што се градежните работници, земјоделците, градинарите, работниците во сообраќај, работниците кои изведуваат теренска работа, продавачите на отворени пазари, пожарникарите, полицајците, војниците, како и оние кои работат на работни места кои се со ризик од изложеност на високи температури.
Од КСС во денешното соопштение наведуваат дека согласно Законот за безбедност и здравје при работа треба да се обезбедат соодветни услови за работа кои нема да го загрозат животот и здравјето на работниците.
КСС препорачува избегнување работа на отворено во период од 11 до 17 часот, редуцирање на тешката физичка работа, почести паузи, и посебна внимателност со постари работници, хронично болни, бремени жени итн.
КСС исто така потсетува, фирмите кои ќе работат за време на празникот да им исплатат на работниците дневница повисока за 50 отсто.