Баздникин: Соработката меѓу двете држави е одлична, но може да биде подобра

248

По повод 1 август, Денот на сеќавањето во Русија, на Германските гробишта во Прилеп во организација на амбасадата на Руската Федерација им беше оддадена почит на загинатите руски војници од Првата светска војна пред споменикот на гробиштата. Во Македонија загинале околу 5 000 руски војници.

Според амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин, Првата светска војна била голема трагедија за сите земји кои учествувале во неа и не треба никогаш да се повтори.

– Сметам дека поуките кои ги извлековме од Првата светска војна говорат за тоа дека мора да преземеме сѐ за оваа трагедија никогаш не се повтори. Им оддаваме почит на руските и на сите загинати војници. На територијата на вашата земја има 5 000 руски војници кои загинаа во Првата светска војна. Сметаме дека мора да бидеме доволно мудри за во иднина никогаш да не се повтори. Затоа пораката е едноставна: Треба да се соработува, а не да се војува – изјави Баздникин.

И прилепскиот градоначалник Илија Јованоски испрати порака за соработка помеѓу државите.

– Не сакаме никогаш да се повторат ниту Првата ниту Втората светска војна. Ова треба да биде едно предупредување дека сите недоразбирања, конфликти меѓунационални, меѓудржавни, меѓусоседски да се решаваат на мирен начин, со дијалог, со меѓусебно почитување, со соработка и сѐ во интерес сите заедно да одиме во Европа зашто тоа е иднината на сите нас – рече Јованоски.

При обраќањето, амбасадорот Баздникин потсети на 25-годишните дипломатски односи помеѓу двете земји.

– Нашата земја е отворена за проширување на заемно полезна соработка со сите земји кои се подготвени за заедничка работа околу изнаоѓање одговори на големите современи предизвици и закани, за фер и рамноправно партнерство врз основа на општопризнатите норми на меѓународното право, на почитување и на водење сметка за заемните интереси. Врз овие принципи, повеќе од четвртина век ја градиме соработката со Република Северна Македонија со која во јануари ја одбележавме 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи – рече Баздникин.

На новинарското прашање каква е соработката помеѓу Руската Федерација и Македонија, амбасадорот Баздникин вели дека е одлична, но може да биде уште подорба.

– Соработката е одлична, но може да биде подобра. Работиме со вашата влада за да ја подобриме соработката во областите кои одговараат на заедничките интереси – изјави амбасадорот Сергеј Баздникин.

На денешното одбележување се одржа панихида за загинатите војници и им беше одадена почит пред споменикот во прилепските германски гробишта.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...