Министерот за информатичко општество и администрација на собраниската седница на која во тек е расправа за доверба на Владата, Дамјан Манчевски реплицирајќи на забелешките на опозициските пратеници направи споредба со фактите во извештајот на Европската Комисија за 2016 и новиот извештај од Фридом Хаус, во кој се вели дека за разлика од 2016 година, и за прв пат по 2010 година, Република Македонија е земја со демократски промени кои најмногу ветуваат за демократски пробив во Европа.
Министерот Манчевски побара од опозицијата да понуди аргументи и докази за еден, единствен пример на човек вработен на неопределено работно време во администрација кој што го изгубил работното место како постапка на актуелниот владин состав и истакна дека таков случај не постои.
Тој напомена дека Владата направила промени само во политички именуваните функционери, со луѓе кои по закон и процедура ги пополниле овие позиции, со соодветни квалификации согласно критериумите за именувања на владини функкционери.
Манчевски, илустрирајќи ја затекнатата состојба во администрацијата, укажа на фактот дека во Министерството за информатичко општество и администрација од 9 сектори само еден имал раководител на сектор, и како што дополни тој, никој немал објаснување за таквата систематизација, освен фактичката ситуација дека на тој начин била блокирано функционалното извршување на програмските обврски.
„Вие вработувавте за потребата на партијата. Затоа имаме случаи на несоодветни кадри на конкретни работни места. Денес се вработува со оглас согласно потребата на инситуциите“ рече министерот Манчевски.
Тој, во продолжение на својата реплика на настапите на пратениците на опозицијата го истакна усвојувањето на Стратегијата за реформа во јавната администрација со акциски план за периодот 2018-2022.
„Во подготовката на стратегијата имавме широка дебата, беа присутни сите, ве немаше само вас, опозицијата. Беа присутни двата синдикати, невладини организации, граѓани. Вие носевте закони преку ноќ за кои граѓаните дознаваа отпосле. Сега се консултираме со сите, па дури и со вас“, истакна Манчевски.
Илустрирајќи ги разликите во односот со администрацијата во државата, министерот за информатичко општество и администрација нагласи дека луѓето веќе не чувствуваат притисоци и присила.
Во завршницата на своето излагање Манчевски, потсети и на решението за околу 1.600 вработени кои досега беа без работни активности, а земаа плата, и со кои сега се постигнаа договори да бидат ангажирани на реални работни места.