Сеад Кочан го нема во Идризово, судот не кажува што ќе прави

Од судот не споделуваат никакви информации, ниту дали ќе издадат наредба до МВР за стражарно приведување, ниту, пак, дали можеби бизнисменот испратил уште некој документ за дополна на првичното барање за одложување на затворската казна.

542

Бизнисменот Сеад Кочан и денеска не се појавил во затворот во Идризово каде треба да ја одлежи затворската казна од 4 години и 8 месеци.

Неговата жалба беше одбинеа и во вторникот од Основниот кривичен суд соопштија дека е издадено решение веднаш да се јави во затвор. Кочан таквото решение го примил вчера утрото, но до моментов тој не се пријавил на затворската капија, а оттаму за тоа го известиле судот.

Од судот не споделуваат никакви информации, ниту дали ќе издадат наредба до МВР за стражарно приведување, ниту, пак, дали можеби бизнисменот испратил уште некој документ за дополна на првичното барање за одложување на затворската казна.

– Судија за извршување на санкции ќе постапи согласно закон – е краткиот и единствен одговор од судот.

Кочан еднаш бараше одложување, но беше одбиен и му дадоа упатен акт на 17 јули да се јави во затворот. Ден пред тој датум, тој отишол во болница каде бил хоспитализиран, па испратил ново барање за одложување на затворската казна. Тоа конечно беше одбиено и, како што споменавме, во вторникот беше испратено решение веднаш да се јави во затвор.

Затворската казна која треба да ја одлежи бизнисменот е поради манипулации за добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување лажна документација. Кочан е единствениот од овој предмет кој треба да одлежи затворска казна. Тој првично доби шест години, но Апелација му ја намали казната.

Второобвинет беше Василие Авировиќ. Тој исто така беше осуден на затвор од три години, но второстепениот суд му ја преиначи казната и му одреди условна односно две години затвор кои нема да се извршат ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Третиот кој беше обвинет во предметот, Сафет Ватиќ, доби ослободителна пресуда.

Покрај нив, во обвинението на СЈО се најдоа и три фирми, „Трансмет“, „Силекс неметали – Кратово“ и „Вато“, од кои третата беше ослободена. За другите судот одреди и конфискација на имот од околу 17 милиони евра.

ОБНОВЕНО:

Сеад Кочан е сѐ уште во болница, засега нема да оди во Идризово

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...