Коалиција Сите за правично судење реагира на траењето на рочиштата за „Тенк“

375

Коалицијата Сите за правично судење е загрижена за динамиката и траењето на судските расправи, а која конкретно кулминираше на рочиштето во предметот познат во јавноста како „Тенк” кое се одржа вчера во Основниот суд Скопје 1 во Скопје, со почеток во 10.30 часот и траеше до 21.36 часот истиот ден, реагира Коалицијата за правично судење.

– Со пролонгираното времетраење на рочиштето, а по завршувањето на работното време на судот и негово траење од 11 часа сметаме дека се постапува на штета на обвинетите во постапката со тоа што се врши повреда на нивното право на одбрана. На обвинетите им се оневозможува правото на ефективна одбрана, а во насока на отсуство на разумно и доволно време за подготовка на соодветна одбрана. Имајќи го предвид фактот дека на ова рочиште беа изведувани докази на јавното обвинителство до 21.36 часот, а во текот на следниот ден за кога повторно е закажано рочиште по овој предмет во 10.30 часот, ќе се пристапи кон изведување на материјалните докази и сослушување на сведоци на одбраната, истата не е во можност, во траење на овие 13 часа помеѓу двете рочишта да ја подготви соодветно својата стратегија и да овозможи соодветна одбрана – реагира Коалицијата.

Од таму сметаат дека ова се одразува и на ефикасноста на обвинителите при застапување на обвинението. Од Коалицијат потсетуваат на членот 6 од Европската конвенција за човекови права, каде се упатува на минимални утврдени права на секој обвинет во постапката, помеѓу кои предвидено е и обезбедување на време и услови за подготвување на одбрана.

– На ова се надоврзуваат и одредбите од чл. 359 од Законот за кривичната постапка кој упатува на текот на главната расправа, односно на фактот дека истата се одржува непрекинато и тече според редот што е определен во законот, а во случаите кога не е можно истата да е заврши на едно рочиште, претседателот (на советот) одлучува истата да продолжи следниот работен ден – велат од Коалицијата.

Дополнително, судската пракса е во прилог на погоре изнесените тврдења, за што говорат и голем број на притворски предмети кои се приоритетни за решавање, за разлика од постапувањето со случаите како што е предметот „Тенк“ каде не е определена ниту мерката притвор, ниту пак има определено други мерки на претпазливост. Пример за ова се и останатите медиумски експонирани случаи каде беше определена мерката притвор, или каде имаше голем број на предложени докази, како што беа предметите „Диво насеље“ и раздвоената постапка за еден од обвинетите, предметот „Шпион“, „Ровер“ или предметите поврзани со протестите за време на „Шарената револуција“ каде што расправите се закажуваа со фрекфенција од еднаш месечно, освен за случаите поврзани со настаните во Кумановско Диво насеље кои се одржуваа со фрекфенција од две или три расправи неделно.

– Предупредуваме на фактот дека е неопходно да се зголеми внимателноста при постапувањето на судот во секој сегмент од постапката, особено ако интенција е задржување на кредибилност на целокупниот судски процес и поставување на стандарди за објективност и еднаквост за сите – велат од Коалиција Сите за правично судење.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...