Во Општина Карпош немало, а нема ниту во моментот, ниту предмет, ниту одобрение, ниту решение, ниту каков било друг правен акт што се однесува на дом за возрасни лица. Такво нешто во Општина Карпош не постои, одговори градоначалникот Стефан Богоев на новинарско прашање дали од невладината организација Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски поднела барање за дозвола за градба на старечки дом во Општината.
Градоначалникот Богоев, кој беше повикан да даде исказ за случајот „Рекет“ во Oбвинителството за гонењe организиран криминал и корупција, нагласи дека ниту тој, ниту Општината, никогаш, ниту во минатото, ниту сега, не работеле никако поинаку освен по закон.
– Би замолил за останатите работи и факти да се почитува работата на Јавното обивнителстово за гонење организиран криминал каде јас како градоначалник дадов изјава за да можам да помогнам на истрагата со сето она што го знам. Овде се работи за конкретна работа што ја спомнавте и затоа сакам да ја расчистам дилемата, меѓутоа за другите детали ве молам на трпение што ќе каже Обивнителството. Сѐ што знам кажав таму за да помогнам на истрагата – изјави Богоев, по денешната средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој ја посети Полициската станица Карпош и локалната самоуправа, а заедно присуствуваа и на седница на Локалниот совет за превенција.
Инаку, во случајот „Рекет“ засега Бојан Јовановски и Зоки Кичеец, се осомничени дека добиле од бизнисмен 1,5 милион евра за олеснување на постапка која ја водела СЈО.