Во центарот на Ѓаковица за денеска е најавен протест со барање за ослободување на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) од овој град, Томор Морина, кој минатата недела беше уапсен од македонската полиција врз основа на потерница од Интерпол, јави дописникот на МИА од Приштина.
Барање до властите во Скопје за ослободување на Морина претходно упатија и властите и политичките субјекти во Приштина, како и политичките субјекти на Албанците во Македонија.
Вчера со такво барање истапи и вицепремиерот задолжен за европски прашања во Владата во Скопје, Бујар Османи од Демократската унија за интеграција (ДУИ), кој изјави дека потерницата за Морина треба да се поништи, затоа што е издадена „како за граѓанин на Република Србија, додека тој е државјанин на Република Косово“.
Властите во Белград поднесоа барање до македонското Министерство за правда за екстрадиција на Морина, кој е осомничен за злосторства врз српски цивили во Косово во војната во 1998-99 година.