Како се прави лажна вест?

720

Бараше Владата сознанија како се создаваат лажни вести? Дури смисли и некаква Декларација, што ли беше, во врска со тоа, нели? Еве пример. Ама не знам дали имаше некаква награда? Ќе ме извести некој, или да пишам до Владата?

Лажната вест во принцип има две суштински, невралгични точки: производството на „веста“ и мотивите/причините за тоа. Има и некои потточки, како ширењето на лажната вест и слично, и тие се безмалу еднакво важни, но мислам дека првите две се најбитни.

Ако до денес имав некакви дилеми околу првата точка – начинот на производството на лажната вест – веќе немам. Тоест, сигурен сум дека тоа почнува вака: седнува некоја полуписмена будала – велам полуписмена зашто тие се поопасни од неписмените! – и чита нешто што одвај го знае и разбира. Ама нешто, „нешто“ не ѝ штима на будалата. А како би кога не го разбира тоа што го чита, уште помалку го знае/познава? Ама, тоа „нештимање“ решава – а има можност за тоа, нели, барем кај нас, колку ти душа сака – да го обзнани односно објави како важна, безмалу судбинска вест. И тоа го прави, се разбира, со помош на некој „стручњак“ од македонскиве „информативни“ портали. И вели: „Министерството за култура ќе ги укине националните пензии за доајените и титулата амбасадор на културата оти не придонесувале на развојот“.

Аууу, богати, каква вест. Па ова, несомнено, е вест за една мала револуција, барем онаква – (не)културна! А можеби и за пад на Владата? За второво сигурно, а за оставка на министерот за култура не сакаме ни муабет да правиме. И на оваа „вест“ се лепат како муви уште десетина портали и сите здушно викаат: нека виси Педро! Не знаеме кој е Педро, ама ќе дознаеме. Ќе ни кажат, утре, или задутре. А „веста“ всушност е токму полуписмен меланж на поими и ситуации извлечени и ставени во взаемен лош конктест, намерно или ненамерно, од Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата.

Нема да завлегувам во деталите и „објасненијата“ на оваа „вест“ зашто тоа е всушност небитно. Односно – битно е, зашто ја разоткрива целосната неписменост на голем дел од македонските портали, нивната поводливост, нивната сигурност во сопствената глупост, непознавањето на културата и системот во кој што живеат и работат … Зашто, да објавите една ваква „вест“ денес е рамно да кажете дека се подготвува текст на т.н. „Преспански договор“ што ќе треба да биде потпишан од владите на Заев и Ципрас (иако тоа, нели, се случи пред повеќе од една година), или да објавите жизнерадосно дека човекот, конечно, се спушти на Месечината, итн. Ви изгледа пресилна споредбата?

Не е, зашто „веста“ всушност е некаква налудничава „новост“ или „новост“ на недоволно разбрани нешта, сврзани со т.н. национални уметници, па националните пензии, па амбасадорите на културата итн. Но, да одиме со ред. Прво, во документот наречен Национална стратегија за развој на културата во РМ во периодот 2018 – 2022 година, веќе во Опшите цели (стр. 2) е наведено дека општа цел на културата во развојниот период е „да се овозможат еднакви културни права за сите“, а понатаму и во делот Посебни цели – Реформи, каде што се бара „да се воведат суштински измени во законската рамка што директно или индиректно влијае врз културата заради отстранување на несоодветните административни ограничувања“ (стр. 3). Некому ова, можеби особено на будалата што читала нешто што не разбира, му изгледа неважно, второстепено, маргинално … ама ајде да потсетиме на периодот 2007 – 2017 година, на оној безочен груевизам и нерамноправноста на субјектите во културата токму според нивната партиска односно идеолошка припадност и сите привилегии што ги уживаа груевистите? Или тоа веќе никого не го интересира? Понатаму, во истиот документ се инсистира на принципот на еднаквост како основен принцип на стратегискиот развој (стр. 6), се вели дека „поддршката на уметничкото творештво (…) подразбира обезбедување механизми за заштита од директно мешање на органите на власта во творечките процеси и нивните резултати“ (стр. 29), итн.

Што е овде нејасно односно во што од ова отстапува текстот на Предлог-законот? Или во што отстапуваше кога решително беше укинато стекнувањето на правото наречено „национален уметник“ кога истото беше укинато со закон, во декември 2018 година!? И тоа на следниот начин: на 30 јануари 2018 година, со Указ за прогласување на Законот за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија, тој Закон престанал да важи. Во текстот на тој Закон, во член 1 стои дека „Со овој закон престанува да важи Законот за националниот уметник на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија број 47/11)“.

Целосно и неотповикливо, и со полно право, зашто беше еден од инструментите на „политиката“ на груевизмот! И зошто тогаш, по тие поводи, не реагираа овие колумбовци?

Второ, ако некој кој навистина ја познава македонската култура и нејзините резултати во изминативе десетина години може попрецизно/подетално да го дефинира/појасни придонесот на таканаречените културни амбасадори, еве – го честам што ќе посака во некое од скопските кафулиња. Може? Не дека таа „титула“ им носеше на тие дотични персони некакви дневни привилегии, ама ниту еден паметен нема да одрече дека им носеше многукратни долгорочни (партократски и незаслужени) бенефиции. Ако и тоа не сме го согледале, не сме виделе ништо и ја заслужуваме оваа „култура“, таква каква што е, полуписмена!

Е сега, што всушност е проблемот? Што читал(а) тој/таа што читал(а), ако воопшто читал(а) и што мислел(а) дека прочитал(а)? Читал(а) членови – поточно (претпоставувам) член 122 – од Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата (закачен на т.н. ЕНЕР пред неколку дена). И таму, токму во тој член, стои дека: „(1) На уметниците и стручните работници од областа на заштитата на културното наследство кои до денот на влегувањето во сила на овој закон го оствариле правото на месечен паричен надоместок во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во Република Северна Македонија во претходната година, за тековната година по денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжи да им се исплаќа месечениот паричен надоместок согласно со член 11-б од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12,  23/13,  187/13, 44/14, 61/15, 154/15, 39/16 и 11/18)“, и „(2) Започнатите постапки по поднесено барање за остварување на месечен паричен надоместок од ставот (1) на овој член до денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе се завршат согласно со член 11-б од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12, 23/13, 187/13, 44/14, 61/15, 154/15, 39/16 и 11/18)“. А во член 123 пишува дека „На амбасадорите на културата на Република Северна Македонија на кои им е доделена титулата согласно член 11-а од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12,  23/13,  187/13, 44/14, 61/15, 154/15, 39/16 и 11/18) им остануваат правата утврдени со членот 11-а од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12,  23/13,  187/13, 44/14, 61/15, 154/15, 39/16 и 11/18)“.

Што е овде толку и така трагично за една волкава узбуна во државата? Уште малку па за повик за линч? И во чие име, ве молам? Нечие незнаење, неинформираност, неспособност, ќе мобилизира други будали, или …? Ќе појасни ли некој кој што загубил, или ќе загуби, и зошто? Ќе појасни ли тој некој како до вчера функционираше културата во овој сегмент и зошто, ете, некои други „будали“ предложиле такви мерки? Многу би сакал да разберам!

За втората невралгична точка – мотивите – утре.

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...