Од 26 август само еден граничен премин на Табановце-Прешево

Собранието ќе продолжи со работа на 27 август.

540

Собранието во рамки на попладневното продолжение на 109. седница ги донесе Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце – Прешево, дополнетите предлог-закони за земјоделско земјиште во второ читање, за возила, за воздухопловство во прво читање…

Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски во образложението на Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце, рече дека се очекува граничниот премин да почне да функционира на 26 август. Тој посочи дека ова е уште една потврда на заложбите за негување на добрососедски односи или добрососедска политика на Владата. Овој Договор е прв и ова е еден историски момент, бидејќи првпат нашата земја воспоставува заеднички граничен премин со соседна земја.

– Кога ќе излеземе од нашата земја и кога ќе влегуваме во Република Србија нема да има две, туку ќе има една контрола. Значи кога ќе излегувате од Република Македонија и ќе влегувате во Република Србија, граничниот премин ќе биде од страната каде што е сега Прешево, а кога ќе излегувате од Република Србија и влегувате во Република Северна Македонија граничниот премин ќе биде кај Табановце. Овој Договор ќе придонесе за развивање на добрососедските односи, но ќе помогне и во размена на стоки, полесен проток на луѓе, на возила и очекуваме да има сериозно влијание на економијата меѓу двете земји – рече Жерновски.

Тој најави дека ваков заеднички граничен премин наскоро ќе има и кај Ќафасан, а ќе биде отворен и нов граничен премин со Република Србија и тоа на потегот Лојане – Миратовац, каде наши сограѓани мора да поминат повеќе од 20 километри за да дојдат до Табановце.

Пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе ја поддржат ратификацијата, која, како што истакна, ќе ги забрза контролите на граничниот премин меѓу двете земји.

Во дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за возила се вели дека зелена еколошка налепница ќе можат да добијат возилата што го исполнуваат стандардот ЕУРО 5 и повеќе, но и возила со ЕУРО 4 и ЕУРО 3 стандард во кои е вграден плински или метанов уред, како и хибридните и електричните возила.

Од категоризацијата се изземаат возилата на војската, полицијата, пожарната и брзата помош, како и возила во кои се возат лица со попреченост. Тие ќе можат да се движат и во зоните каде има забрана за движење поради загаденост на воздухот. Трошокот за еколошката налепница ќе биде на товар на граѓаните, а за издавање на погрешна еколошка маркичка предвидена е глоба од 250 евра во денарска противвредност за одговорното лице во техничката служба.

Во законското решение се предвидени 170 милиони денари за субвенционирање на вградување на плински и метанов уред во возилата со ЕУРО 4 стандард и помалку, како и за купување на ново возило по системот старо за ново. Првично овие средства беа предвидени за субвенционирање на набавка на нови хибридни и електрични возила, но со амандманите е преиначено решението. Сепак, оние што ќе купуваат хибридни и електрични возила ќе можат да користат субвенции од програмата старо за ново возило.

Имплементацијата на законското решение ќе стартува 12 месеци по стапувањето на законот на сила со цел да се усогласи со останатите закони, а во првите три години од спроведувањето на законот ќе им се овозможи на сопствениците на возила со ЕУРО 4 стандард да добијат зелена еколошка налепница доколку побараат.

Со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за воздухопловство ќе се обезбеди усогласување со најновите меѓународни стандарди и препорачани практики од областа на воздухопловството кои произлегуваат од Анексите на Меѓународната конвенција за цивилно воздухопловство (Чикашката Конвенција) и Мултилатералната спогодба за Европска зеадничка воздухопловна област. На тој начин ќе се обезбеди поставување на повисоки стандарди во воздушниот транспорт, а со тоа и постигнување регулаторна ефикасност и ефективност, подигнување на нивото на безбедност и сигурност, намалување на ризикот и осигурување на мобилноста на граѓаните.

Собранието констатира дека предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за виното во прво читање и на Законот за земјоделство и рурален развој во прво читање поднесени од пратеникот Панчо Минов не се прифатливи и не може да се дадат на натамошно второ читање.

Собранието не го усвои Годишниот извештај за работата на ЈРП Македонска радио телевизија за 2018 година.

Ова е последна седница на Собранието пред годишните одмори на пратениците. Собранието со работа ќе продолжи на 27 август.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...