Адреналинска понуда за туристите на спортскиот аеродром Стенковец

На спортскиот аеродром Стенковец во близина на Скопје беа промовирани резултатите од два потпроекта, поддржани од Проектот за локална и регионална конкурентност што е финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија, а администриран од Светска Банка во Скопје.

259

Асоцијациите Македонски авантуристички дисциплини (МАД) и Здружението за афирмација на воздухопловството „Аеро клуб“ Скопје спроведуваат два одделни и различни потпроекти. Потпроектите се комплементарни и имаат за цел да привлечат слична целна група туристи, пред сѐ, авантуристи и трагачи по возбуда. Во организација на корисниците на подгрантовите, а со поддршка на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), на 21.07.2019 година (недела), беше одржан заеднички настан за промоција на постигнатите резултати. Станува збор за презентација на новата адреналинска понуда за домашни и за странски туристи која вклучува летање со балон на топол воздух и тандем скокови со падобран од 3.000 метри.

„Македонија од воздух“ – туристичката понуда на Македонски авантуристички дисциплини

Збогатување на туристичката понуда преку развој на бренд дестинации за алтернативен туризам е целта на потпроектот „Македонија од воздух“. Здружението од Скопје во рамките на потпроектот набави балон за летање на топол воздух и патничко возило за транспорт на туристите. Создадена е туристичка понуда која им нуди на туристите 60-минутно летање со балон и можност за несекојдневен и атрактивен начин да се запознаат со убавините на нашата држава.

– Развојот на алтернативните форми на туризам е тренд во светот, а масовниот туризам полека ја губи својата улога. Туристите сакаат да бидат активни, да имаат исполнето време и да доживеат и да искусат нешто ново. Овој потпроект ни овозможи да направиме бренд дестинација за авантуристички туризам – истакна Борче Пауновски, претседател на МАД.

Со тандем скокови до повеќе активни туристи

Аеро клубот Скопје, преку потпроектот „Со тандем скокови до повеќе активни туристи“ ја унапредува туристичката понуда на дестинација Скопје, Куманово и околината, на тој начин што воведе падобрански тандем скокови, обука на тандем пилоти и осовременување на инфраструктурата на Клубот со изградба на центар за тандем скокање.

За креирање туристичка понуда од Клубот, беше обезбедена финансиска поддршка со којашто беше набавен тандем падобран и беа обучени тројца инструктори кои ги изведуваат тандем скоковите со заинтересираните туристи од 3.000 метри височина.

– Еден од главните недостатоци на туристичката понуда на скопскиот и кумановскиот регион е недостиг на туристички атракции што ќе ги задржат туристите подолго време во оваа дестинација – вели Јане Стефанов, претседател на Аеро клуб Скопје.

Проектот за локална и регионална конкурентност е водечки за развој на туризмот во Северна Македонија

Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) се администрира од страна на Светска Банка, а се спроведува од страна на Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања. Истиот вклучува повеќе потпроекти што имаат за цел надградба на туристичката понуда, подобрување на туристичката инфраструктура, развој на вештини на туристичките работници и создавање работни места во туризмот.

– Овие два потпроекта ја збогатуваат туристичката понуда во нашата земја со воведување нови, иновативни содржини, атрактивни, како за домашните така и за странските туристи. Нашата цел не е само да го зголемиме бројот на туристи, туку и да ја надополниме туристичката понуда со нови активности, со што се зголемува должината на престојот на туристите во сите 10 дестинации – истакна Антонија Шишак, директор на проектот.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...