Кривичен: Кочан веднаш да се јави во затвор!

842

Жалбата на Сеад Кочан да не оди во затвор е одбиена и тој веднаш треба да се јави на издржување на казната од 4 години и 8 месеци за предметот „Труст“, соопштија од Основниот кривичен суд.

Одлуката ја донел Кривичниот совет до кого адвокатите на Кочан поднесоа жалба откако претходно судија за извршување санкции му го одби барањето да се одложи затворската казна бидејќи беше хоспитализиран.

– По разгледување и ценење на жалбата, советот донесе решение со кое жалбата ја одби како неоснована и го потврди решението на судијата за извршување санкции според кое осуденото лице е должно веднаш да се јави на издржување на затворската казна, а одлуката на советот е писмено изработена и експедирана до странките – наведоа од судот.

Кочан и порано се обидуваше да добие одложување. Кога пресудата стана правосилна, тој доби упатен акт да се јави во затвор на 17 јули. Поднесе барање за одложување, но и тоа му беше одбиено.

Затворската казна која треба да ја одлежи бизнисменот е поради манипулации за добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување лажна документација. Кочан е единствениот од овој предмет кој треба да одлежи затворска казна. Тој првично доби шест години, но Апелација му ја намали казната.

Второобвинет беше Василие Авировиќ. Тој исто така беше осуден на затвор од три години, но второстепениот суд му ја преиначи казната и му одреди условна односно две години затвор кои нема да се извршат ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Третиот кој беше обвинет во предметот, Сафет Ватиќ, доби ослободителна пресуда.

Покрај нив, во обвинението на СЈО се најдоа и три фирми, „Трансмет“, „Силекс неметали – Кратово“ и „Вато“, од кои третата беше ослободена. За другите судот одреди и конфискација на имот од околу 17 милиони евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...