Струшките советници ќе дадат виза за мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство и ќе подготват акциски план со рокови до кога ќе ги спроведат препораките на УНЕСКО, наспроти ставот на градоначалникот Рамиз Мерко да се изземе од надлежноста во урбанизмот, за што и писмено го извести премиерот Зоран Заев.
Советници за Плусинфо информираат дека ќе побараат одложување на утрешната седница на Советот за една недела, за да имаат време да се усогласат за акцискиот план за тој да бидат ставени на дневен ред на Советот на Струга.
Плусинфо контактираше советници од речиси сите партии застапени во Општината – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и ДУИ, и само советниците од партијата на Али Ахмети или не сакаа да зборуваат или беа резервирани за препораките на Владата.
Без оглед како ќе се позиционираат советниците од ДУИ, распоредот на силите во Советот навестува дека препораките од Владата ќе помнинат бидејќи од 27 членови на Советот ДУИ е застапена со 6.
И покрај обидите не добивме став од градоначалникот Мерко дека Советот ќе усвои план со рокови за спроведување на препораките на УНЕСКО. Тој откако му кажавме за што го бараме, спушти слушалка, а не одговори ни на пораки.
За советниците е битно планот пред да дојде на седница на Советот да помине во комисијата, односно да се усогласи и добие виза од сите советнички групи. Тие бараат на писмено да ги видат препораките и што предвидува мораториумот за градба за да може да донесат акциски план.
Впечаток е и дека советниците не го земаат за сериозно писмото на Мерко со кое тој ги отстапи ингеренциите во урбанизмот на Владата. Тие тврдат дека нема одредба во Законот за локална самоуправа со која грдаоначалникот може да отстапи надлежности на Владата.
– Мерко ако не е способен да ја врши функцијата нека си даде оставка, во спротивно машки до крај нека го истурка мандатот и машки да ги реши проблемите што самиот ги создаде – вели Имер Имери, советник од Алијансата за Албанците.
Од Владата велат дека го добиле писмото од Мерко и дека ќе постапат согласно законските постапки и можности. Од таму повторија дека на владината седница одржана на 23 месецов, усвоена е информацијата за учество на делегацијата на Република Северна Македонија на 43-тиот состанок на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан и уште еднаш ја реафирмирале определбата да се зачува статусот на Охридскиот регион како светско наследство впишано во листата на УНЕСКО.
– Во таа насока, на седницата Владата донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и им препорачува на општините од регионот да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство. Владата им препорача на општините Охрид и Струга, во рок од 10 дена да изготват акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО за обврски од надлежност на општините и во рок од два дена по усвојување на акциските планови од страна на советите на општините, да ги информираат министерствата за транспорт и врски, за култура и за животна средина и просторно планирање. Трите министерства на истата седница добија задолжение да ја координираат меѓу институционалната активност за спроведување на препораките на УНЕСКО и еднаш месечно да ја информираат Владата за прогресот во имплементација на препораките – велат од Владата.
Премиерот Заев вчера изјави дека очекува советите на општините да постапат по препораките, но и во делот на отстранување на дивоградбите.
– Ако тие тоа не можат да го напарава, не сакаат или бидат спречени ќе преминеме во преземањето на ингеренциите од страна на државата за да можеме да го спроведеме процесот на отстранувањето на дивоградбите – изјави Заев.
Општина Охрид веќе најави дека во рок од 10 дена ќе изготви Акциски план со роковник за спроведување на препораките од УНЕСКО и дека веднаш по изготвувањето тој ќе биде ставен на дневен ред на седница на Советот на Општина Охрид.