Сертификат „Фер за потрошувачот“ за 45 компании

224

Вкупно 45 компании денеска добија сертификат „Фер за потрошувачот“ за компании со јасно дефинирани правила за заштита на безбедноста и здравјето на потрошувачите, со фер пазарни практики и спогодбено решавање поплаки и спорови, како и кои ја штитат приватноста на потрошувачите и се грижат за влијанието на производите врз животната средина.

Сертификацијата на компаниите е финансирана од Европската Унија во рамки на проектот „Партнерство меѓу граѓанското општество и деловниот сектор – развивање иновативен модел за мобилизација на финансиски средства“, што го спроведуваат Организацијата на потрошувачите (ОПМ), ЗБК Креација и Асоцијацијата Зенит.

Министерот за економија Крешник Бектеши на доделувањето на сертификатот, истакна дека Министерството, како надлежно за заштита на потрошувачите ги следи практиките на ЕУ и предложило мерки и инструменти во Програмата за заштита на потрошувачите за период 2019-2020 година со кои се опфатени поголем број институции за поддршка на граѓанските организации за информирање, едукација, советување и алтернативно решавање на спорови со потрошувачите.

– На овој начин Министерството ги спроведува своите законски надлежности, а тоа е јакнење на граѓанските организации да ги штитат правата на потрошувачите. Министерството за економија преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво издвои средства за поддршка на компаниите за доделување на сертификатот, развиен со финансиска поддршка од ЕУ, преку проектот „Партнерство меѓу граѓанското општество и деловниот сектор“. На овој начин ја поддржуваме одржливоста на моделот за соработка меѓу граѓанскиот и бизнис секторот кој се заснова на потребата за поттикнување и поддршка на бизнисите за подобрување на односот кон потрошувачите и јакнење на конкурентноста на компаниите – рече Бектеши.

Додаде дека со сертификацијата граѓанските организации влијаат претпријатијата да воведат практики за подобро почитување на правата на потрошувачите преку доброволно прифаќање на кодекс за фер однос кон нив и онлајн процедура за алтернативно решавање на споровите.

Претседателката на Организацијата на потрошувачи, Маријана Лончар-Велкова, вели дека сертификацијата означува дека компаниите се грижат за производите, за услугите, дека имаат фер практики кон потрошувачите, односно дека се грижат потрошувачите да бидат задоволни, а исто така дека обрнуваат внимание на производите да не бидат штетни за животната средина.

Сертификатот се издава од сертификациско тело кое е креирано од трите организации (Организацијата на потрошувачите (ОПМ), ЗБК Креација и Асоцијацијата Зенит) со повеќегодишно искуство при заштита на потрошувачите и унапредување на конкурентноста на македонската економија.

Цената за сертификација е формирана според големината на компанијата. Министерството за економија преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво надоместува 50 отсто од трошоците за сертификација на за мали и средни претпријатија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...