Треба да си одите затоа што дозволивте три дечиња од „25 Мај“ да бидат силувани, а да не понесете лична одговорност. Како мирно ќе спиете кога им го одземавте насмевките на тие дечиња. Гледам се смеете, убаво што се појавивте, но дали се смеат дечињата што беа силувани во „25 мај“.
Ова се жестоките напади на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова упатени на министерката за труд и социјала Мила Царовска на седницата за интерпелација на владата.
Рангелова побара Царовска веднаш да си оди од извршната власт поради, како што рече лошото менаџирање со ова Министерство.
– Какви фаци правите, не можете ни во градинка да одите, а не па да бидете министер. Немате умеење, немате желба за работа, имате само страст за власт – рече Рангелова.
Според неа, Министерството за труд е едно од најпроблематичните. Таа посочи дека Царовска се разликува кога била опозиционерка и сега кога е министерка. Рангелова рече дека во опозиција Царовска имала време за Ромите под Кале и им ветила достоинствен живот, но како министерка нема време да ги згрижи тие луѓе.
– Не ли ве допре скандалот со поезијата? Не почувствувавте тука дека треба да си поднесете оставка? не ве изненади содржината на збирката? Ги отворате само градинките што беа отворени во време на ВМРО-ДПМНЕ. Владеењето на СДСМ и министерката е гол популизам– рече Рангелова.