Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ја посети полициската станица во Крушево и се сретна со градоначалникот Томе Христоски, со цел да се преземат сите безбедносни мерки за претстојната прослава на празникот Илинден.
– Безбедносната состојба на подрачјето на Крушево и воопшто на подрачјето на СВР Битола е добра и евидентно е дека имаме подобрени резултати. Бев запознаен со активностите на општината со кои се одбележува 2 Август. Станува збор за бројни активности со кои се одбележува овој исклучително значаен државен празник. И оваа година очекуваме голем број граѓани и во Крушево, но и на другите локации каде ќе се празнува и во таа насока Министерството за внатрешни работи ги презема сите потребни мерки и активности за прославата на 2 Август да помине мирно и достоинствено – рече Спасовски.
Тој ги покани граѓаните да се приклучат кон прославата на Денот на Илинденското востание и со начинот на кој ќе слават, достоинствено и чесно да покажат дека ја почитуваат историјата и ја сакаат сопствената татковина.
На подрачјето на Крушево во првите шест месеци од 2019 година има намалување на прекршоците во делот на јавниот ред и мир за 33 отсто.