ОБНОВЕНО Моето небо, сепак, е зелено!

Бертранд Расел: „Човек треба да се придржува кон јавното мислење толку колку да избегне да гладува и да избегне да заврши во затвор, сѐ друго повеќе од тоа е доброволно подложување на непотребна тиранија".

11625

Голема врева се крена на социјалните мрежи во врска со мојот напис, во кој, повикувајќи се на одбраната на обвинетиот Сашо Мијалков, се заложив судот, за неговото повторно барање да му се врати пасошот заради лекување во странство, да одлучува согласно со законската процедура, со нужната предострожност со која и досега постапувал (првото барање било одбиено), но и со почитување на принципот на хумано постапување при спроведување на правдата. Прочитав многубројни критики за мојата постапка – од професионален аспект („не го разбирам ова новинарство“, напиша мојата колешка Емилија Лазаревска), обвинувања дека ги застапувам „најголемите криминалци“ и дури и клевети дека сум бил поткупен да го правам тоа.

Тие што добро ме познаваат, многу добро знаат дека јас, едноставно, немам талент да им се допаднам на луѓето. Една од најважните работи што ги научив во текот на мојата професионална кариера е да не патам премногу поради тоа. Научив да си ја плаќам цената за својата „палавост“. Уште во 2004 година, читајќи ја Хана Арент и пишувајќи ги своите осаменички колумни во тогашен „Дневник“, сфатив дека чудовишно лесно луѓето умеат да ги жртвуваат слободата и правдата и да конституираат пресудна јавна поддршка на тиранијата и резолутна осуда на бунтот против неа, ако им понудите или ако ги принудите повеќе да дејствуваат и помалку да мислат. „Голема и тажна заблуда – напишав тогаш – е дека тиранијата се воспоставува како насилство и се препознава по него. Не, таа е емотивна и етичка врска меѓу тиранинот и неговите поданици. Раѓањето на најкрвавата тиранија во историјата на човештвото е, всушност, нежна и емотивна приказна за демократијата. Адолф Хитлер има човечки лик, тој е искрен и убедлив, дури и кога ни се заканува: ‘Секој што гледа и слика зелено небо и сини пасишта, треба да биде стерилизиран’. Не е лесно човек да пружи отпор на една таква опсесија, да биде ‘расипувач на забавата’ во една таква бајка.“

Не ни сонував дека две-три години потоа мојата визија за тиранијата ќе стане наша реалност. Е па ете, јас сега пак предупредувам, јас и сега сум истиот тој „расипувач на забавата“, тоа камче што ќе ве боцка во чевелот, ако решите да го ставите во него. А кому не му е до „боцкање“, сега е моментот да престане да го чита овој текст.

Да се слушне и другата страна!

Прво ќе одговорам за мојот пристап, за аспектот на новинарската професионалност. На моите колеги веројатно им е познато дека обвинението и одбраната се рамноправни страни во судската постапка. За жал, барем што се однесува до предистражните, истражните и судските постапки што досега се поведоа по барање на Специјалното јавно обвинителство, факт е дека медиумите широко известуваа за обвинувачките наводи, а многу ретко за аргументите на одбраната на осомничените, на обвинетите и на неправосилно осудените. Веројатно надвладеа предубедувањето дека тие луѓе се виновни веќе поради самиот факт што биле дел од еден тоталитарен режим, па судењата се и треба да бидат само чиста формалност.

Јас, пак, секогаш кога е можно (кога изворите се достапни и отворени), се трудам да почитувам едно од најзначајните етички правила на мојата професија – да се слушне и другата страна. Audiatur et altera pars! Таа лекција ја научив уште како студент на Интердисциплинарните студии по новинарство.

Се сеќавам, мојата дипломска работа беше за смртната казна во Македонија. Во тогашниот Кривичен законик, сѐ уште постоеше смртната казна, се изрекуваше, но од раните седумдесетти години не се извршуваше, туку се заменуваше со казна затвор од 20 години. Спроведов обемно истражување на темата, но си помислив дека круна на сиот тој труд треба да биде мојот обид да ја слушнам другата страна. Во затворот „Идризово“ тогаш лежеше човек кој беше осуден на смрт, поради тоа што со нож ја беше искасапил својата сопруга и згора на тоа, тешко ја беше ранил својата малолетна ќерка. Сите беа скандализирани од мојата намера, а најмногу моите родители, поради една неверојатна околност – убиството се беше случило токму во зградата во која живеевме тогаш. Сепак, успеав некако да влезам во „Идризово“ и да го интервјуирам осуденикот на смрт. Нема многу новинари кои го сториле тоа. За дипломската статија добив чиста десетка.

Уште еден друг случај од тоа време. Некаде во средината на осумдесеттите, на Правниот факултет во Скопје се одржа партиско судење на големиот македонски и југословенски кривичар, професорот Ѓорги Марјановиќ. Го судеа колегите, поради тоа што Марјановиќ се одважи да го критикува вербалниот деликт, кривично дело од тогашниот Кривичен законик, кое подоцна се укина. Како новинар на неделникот за хумор и сатира „Остен“, јас веќе бев стапил во контакт со мојот омилен професор, чии предавања често ги посетував, иако не бев негов студент. Влегов во салата каде што се одржуваше партиската конференција и веднаш сфатив дека веројатно сум единствениот новинар присутен на настанот, но и дека нема место каде да седнам. Беше слободна само првата долга клупа, во која осамен седеше „обвинетиот“ Марјановиќ. Тој ме забележа и љубезно ме покани да седнам до него. И така, седнав и јас на „обвинителната клупа“ и го проследив судењето, затоа што сакав да ја слушнам и другата страна – онаа страна што срамно го екскомуницираше професорот од партијата СКМ. Од мојата тогашна партија…

Борба за принципи

Професионалноста понекогаш налага човек да се издигне над сопствените чувства и да ги почитува етичките обврски. Јас бев една од десетте најнапаѓани личности од страна на режимот на Груевски. Со сета почит кон колешката Лазаревска, но неа тогаш не ја ни спомнуваа медиумите под контрола на тиранинот. А јас не се симнував од насловниците. Па сепак, денес, кога некогашните моќници се на обвинителна клупа, како професионалец, чувствувам обврска да им дадам збор и на нивните бранители, да ги пренесам и нивните аргументи, да се залагам за правично судење и за хумано постапување при спроведувањето на правдата. На што би личело кога би се однесувал поинаку? На лекар кој би одбил да го лекува Мијалков, на пример, под изговор дека не сака да му пружи помош на еден „таков човек“.

Сите кои денес ме обвинуваат дека сум склучил „пакт со ѓаволот“, треба да размислат што сториле самите тие за неправедно гонетите и судените и за нехумано третираните лица во нашите притвори и затвори, во времето на режимот на Груевски. Без оглед што пак ќе бидам погрешно разбран и напаѓан, ќе си земам слобода да кажам што јас правев во тие години. Всушност, само дел од она што го правев тогаш, борејќи се за правда, за хуманост, за човечност.

Ќе почнам од колегите. Зошто? Затоа што нашата меѓусебна солидарност е многу битна вредност за поклониците на новинарската професија. Иако со Зоран Божиновски, на пример, имав некакви недоразбирања во минатото, кога тој беше притворен во Србија, на еден состанок на Советот на ЗНМ, јас енергично барав нашето здружение да се огласи и да побара тој да биде пуштен на слобода. За среќа, ЗНМ се огласи со такво соопштение и така не заостана зад српските здруженија. Во случајот на Томче Кежаровски, јас бев тој што изврши жесток притисок врз тогаш опозицискиот СДСМ да се придружи на протестите пред Судскатата палата, каде што баравме слобода за Кежо. Во обата случаја, јас не пресудував дали Божиновски и Кежаровски биле виновни (тоа е работа на судот), но се водев од мислата дека во едно демократско општество новинар не смее да биде зад решетки, дека има право да се брани од слобода, дека дури и да се докаже неговата вина, токму ние, неговите колеги, мора да се бориме за него, за поблага казна, за условна осуда, за нешто што би можело да му помогне.

Да ве потсетам и на случајот „Пајажина“. Во притвор и подоцна во затвор завршија и болни жени и мажи, една притвореничка абортираше зад решетки, на други опасно им се влоши здравјето. Голем дел од моите колеги тогаш гледаа сеир, а јас, заедно со една друга група новинари, со збор и со перо, се борев овие луѓе да бидат пуштени од притвор, да добијат соодветна медицинска нега, да бидат судени фер и праведно, а не во монтиран судски процес, како што се случи. Но, сторив и нешто друго, нешто што ретко имам обичај да го правам. Преку мојата пријателка Теута Арифи, му испратив лично писмо на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во кое го замолив да се заложи кај Груевски за хуман третман на притворените и на обвинетите, посебно на жените. При тоа, во писмото апелирав на неговата човечност, а му нагласив дека јас, за жал, нема да можам со ништо да му возвратам на добрината.

Го критикував и го исмевав Груевски кога на своето дете му додели улога на „премиерче“, што беше пречекано со шпалир од деца и наставници, на првиот училишен ден, но ги бранев неговите деца кога во паркот на снегот, по нив и по нивниот татко, некои будалетинки дофрлаа пеејќи „Шутка не ти бега, Никола“. Истите кои денес ме напаѓаат, ме напаѓаа и тогаш. А не знаат (еве сега нека знаат!) дека во една прилика и физички спречив група демонстранти да се доближат под прозорецот на сатрапот и да го вознемират семејството Груевски. Затоа имав образ да напишам дека Никола е најлошото нешто што ѝ се случило на Македонија после 1945 година, а никој да не смее да ме обвини дека го мразам човекот. Ниту сум го мразел, ниту го мразам. И затоа сега имам образ да им се потсмевам и на сите кои тогаш пееја „Шутка не ти бега Никола“, а после немаа храброст и доследност да побараат во Шутка да заврши тој што дозволи осуденикот Груевски да избега во Будимпешта.

Хејтајте, само ништо не ме прашувајте!

Не е лесно човек да се бори за принципи. Не спорам, грешам и јас. Само магарето никогаш не греши. Точно е дека сум и наивен. Но, не сум нечесен. Не само во поглед на бизарните обвинувања дека сум бил поткупен да ѝ помагам на „мафијата“. А бре око не ми трепнува поради таквите подметнувања! Сите идиоти кои клеветат, знаат дека од мене нема да бидат тужени, па затоа тераат така идиотски (богами, размислувам дали не е паметно некогаш да отстапам од тоа свое правило да не тужам веќе никого). Велам, не сум нечесен ни кон нив, а најмногу од сѐ, чесен сум во односот кон принципите што самиот сум си ги наметнал. И сум многу, многу тврдоглав…

Понекогаш навистина одам до некои тешко објасниви крајности. На пример, долго време луѓето ме прашуваа зошто дозволувам колумнист во „Слободен печат“ да биде човек кој постојано ме напаѓа и ме навредува. Мојот одговор секогаш беше ист: затоа што човекот сум го поканил да пишува, под мои услови – а главен услов е секој да пишува што сака и како сака! Сега, воден од истиот принцип, објавувам колумни од Ненад Јовановиќ за „лажните вести“, со тези сосема спротивни на моите, трагично погрешни тези, патем речено. Но, Ненад, како и многу други пред него, во медиумите под моја контрола или влијание, секогаш ја уживале слободата на изразување така како што јас ја остварувам, а како што самите тие веројатно не можеле ни да ја замислат.

Да сумирам. Ве молам, немојте веќе да ме прашувате зошто пишувам и зошто постапувам вака. Тој сум. Еве, измислувајте што сакате, хејтајте, плукајте, зборувајте сѐ што ќе ви падне на ум. Е сега, ако баш претерате, не е исклучено со некој од вас да се видиме и на суд. Ама не ме прашувајте ништо. Јас си се придржувам до еден чудесен совет што го дава филозофот Бертранд Расел: „Човек треба да се придржува кон јавното мислење толку колку да избегне да гладува и да избегне да заврши во затвор, сѐ друго повеќе од тоа е доброволно подложување на непотребна тиранија”. Ви велам, моето небо е зелено, затоа што јас такво го гледам. Нема повисока цел поради која ќе ја жртвувам својата слобода тоа да ви го кажам. И точка!

ПС. Додека го пишувам овој текст, ме затекнува веста дека и Бојан Јовановски, осомничен во случајот „Рекет“, се соочува со здравствени проблеми и оди по прегледи. Му посакувам брзо опоравување, а кај надлежните органи јавно ургирам да му обезбедат услови за квалитетно лечење. Никој не смее да биде казнуван со загрозување на неговото здравје. Не знам дали сте чуле, но во државите во САД во кои е пропишана смртната казна, може да се егзекутира само здрав осуденик. Ако сте болен, прво убаво ќе ве излечат и дури потоа елегантно ќе ви ја вбризгаат леталната инјекција. Е тоа е – принцип!

ИСПРАВКА И ИЗВИНУВАЊЕ ДО Д-Р ВЛАДО КАМБОВСКИ

Пред последното едитирање, во текстот беше поткрадната грешка, поради која му се извинувам на д-р Владо Камбовски. Имено, д-р Камбовски беше спомнат како еден од оние кои партиски му судеа на професорот Марјановиќ. Можеби е грешка моето сеќавање дека д-р Камбовски имаше различен став од д-р Марјановиќ за вербалниот деликт. За ова сведочи и самиот Марјановиќ во една своја колумна. Во секој случај, како што ме извести д-р Камбовски, тој во наведениот период не бил на Правниот факултет во Скопје, па не можел и да му суди на Марјановиќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...