Почна анкетата: Скопјани може да предлагаат имиња, но не и да именуваат конкретни улици

Граѓаните ќе имаат можност да предлагаат само имиња на топонимите, но не и локации кои би биле именувани со овие имиња. Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје ќе ги разгледа предлозите на граѓаните, но нема обврска сите предлози да ги вклучи во листата која ќе му биде предложена на Советот.

629

Град Скопје денеска ја објави анкетата, која во саботата ја најави Петре Шилегов, за прибирање предлози за нови имиња на улици, булевари, мостови, плоштади, паркови и други инфраструктурни објекти.

Прашалникот е достапен ТУКА и преку него граѓаните можат да ги испраќаат своите предлози за топоними преку интернет, со одговарање на неколку прашања што одзема не повеќе од 5 минути. Анкетата ќе трае до 18 август.

Оние граѓани што не користат Интернет своите предлози со кратко образложение можат да ги испратат преку пошта на следната адреса: Град Скопје, Совет на Град Скопје, бул. Илинден, бр. 82, најдоцна до 18 август.

– Согласно со Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, имињата на градските топоними „можат да бидат определени со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња“ – велат од Град Скопје.

Предложените имиња од граѓаните ќе ги разгледува Комисијата за именување на Советот на Град Скопје која има за задача да ја состави листата на имиња и да ја предложи до Советот, кој ќе ја потврди откако ќе добие согласност од општините и од Владата

– Граѓаните ќе имаат можност да предлагаат само имиња на топонимите, но не и локации кои би биле именувани со овие имиња. Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје ќе ги разгледа предлозите на граѓаните, но нема обврска сите предлози да ги вклучи во листата која ќе му биде предложена на Советот – велат од Градот.

Според Закон, не може да се определи име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект со кое се нарушува угледот на Република Северна Македонија, се навредуваат националните чувства на граѓаните, како и имиња со кои се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал. Во едно населено место две и повеќе улици не можат да имаат исто име. Името на топонимот не може да има повеќе од четири збора. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...