Македонија ќе ја унапредува соработката со Украина

Климкин изрази подготвеност за политичка и експертска поддршка од Украина, а пренесе и интерес на полето на инвестициите.

216

Интерес за продлабочување на економската соработка е констатиран денеска на средбата на премиерот Зоран Заев со министерот за надворешни работи на Украина Павло Климкин во Скопје.

„Оценето е дека се создадени услови за развој на соработката, по прогресот во нашата држава и реформските чекори што ги презема новава Влада на економски и политички план, како и надминатиот повеќегодишен застој за функционирањето на Мешовитата комисија за спроведување на договорот за слободна трговија, откако е именуван копретседавач со Комисијата, министерката Апостоловска, од страна на Владата на Република Македонија.

Министерот Климкин рече дека Владата на Република Македонија добро се справува со предизвиците на полето на реформите и добрососедските односи и дека тоа отвора пат кон евроинтеграциите на државата. Министерот Климкин исто така изрази подготвеност за политичка и експертска поддршка од Украина, а пренесе и интерес на полето на инвестициите“, соопшти Владата.

– За Република Македонија евроинтеграциите се стабилност, безбедност и економија. Работиме на напредок во клучните области важни за квалитетот на живот на граѓаните и за ЕУ и НАТО. Затоа ја оценуваме 2018 за значајна година, месецов да се тргне условеноста на препораката за преговори, а потоа и исчекори на евро-атлантски план – рече премиерот Заев.

На средбата се разговараше и за можностите за унапредување на соработката и во областа на земјоделството, енергетиката, продолжување на добрата соработка во одбраната. Потврдени се и заложбите на двете држави за демократски развој и почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет.

Премиерот Заев и министерот Климкин зборуваа за билатералната соработка, но и за важноста од обединета Европа на безбедносен план, што ќе се постигне со интеграциите на Македонија и на регионот.

На средбата Заев беше придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерката за странски инвестиции, Зорица Апостоловска и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...