Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби рече дека ја прекинува работата по точката за пописот заради потреба од дополнителни усогласувања помеѓу политичките партии во врска со овој Предлог-закон.
– Ова е веќе втор обид како се обидувам Законот за попис во 2020 година да го ставам на седница на Комисијата за европски прашања, но и двата пати по бараање на двете најголеми парламентарни партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се одложува дебата за овој закон поради потреба од дополнителни консултации и доближување на ставовите по Предлог-текстот на законот. Затоа денеска ја отворивме седницата, го утврдивме дневниот ред со таа точка и ја прекинав седницата за да дозволам простор за усогласување помеѓу политичките партии врз основа на Предлог-текстот – изјави Груби.
Тој вели дека ДУИ во врска со овој текст нема никаков проблем, ниту тој како претседател на Комисијата за европски прашања.
– Сметаме дека овој Предлог-закон е прифатлив и затоа му дадовме поддршка во Владата и ќе го поддржиме во Собранието. Ќе видиме на кои ставови ќе се усогласат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ па потоа ќе ги дадеме нашите ставови врз основа на нивните забелешки. Јас немам видено никакви забелешки од страна ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, и сметам дека коалициски останува на овој Предлог-тескт кој исто така е прифатлив и за ЕУ – рече Груби.
Тпј вели дека ДУИ е отворена за дебата и се надева дека законот ќе биде усвоен навреме за да може да се реализира пописот во април 2020 година.