Работните групи на власта и опозицијата попладнево ќе седнат на маса да разговараат за Законот за јавно обвинителство со кој ќе се реши и статусот на СЈО.
До крајот на неделата, пак, ќе се сретнат и групите за преговори за пописот. Конкретен ден кога ќе се случи оваа средба сѐ уште не е договорен.
Од ВМРО-ДПМНЕ за Плусинфо потврдија дека е договорена средба попладнево и нагласуваат дека остануваат на ставот оти прво треба да се усогласат ставовите за да може да разговараат и лидерите. Ако по доближување на ставовите на работните групи дојде и до лидерска средба, од опозицијата се категорични дека на неа мора да бидат тема и предвремените парламентарни избори.
Во Министерството за правда, пак, велат средба кај нив нема закажано, но посочуваат оти ќе има разговори на различно ниво и формати за различни теми.
Во очекување на договор, Законот за јавно обвинителсто предложен од Владата на дневен ред во Собрание е ставен дури за еден месец – на 27 август, откако ќе завршат одморот на пратениците. Меѓутоа, за јавно обвинителство има уште една верзија на законот која ја подготви ВМРО-ДПМНЕ.
Засега, никој не сака да коментира што е прифатливо за нив од она што го бара другата страна.
Денешната средба на рабоните групи доаѓа откако во петокот в.д. помошникот државен секретар на САД, Филип Рикер, беше во Македонија и зборувајќи за Законот за јавно обвинителство испрати јасна порака дека времето за политички игри е завршено.