Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со реакција по вчерашните вести дека Катица Јанева побарала форензичко бришење на компјутерите во СЈО.
– Замислете Катица Јанева побарала форензичко бришење на компјутерите во СЈО. Очигледно, после ваков скандал Катица Јанева има нешто да сокрие, а штом се уште молчат сите и обвинителството и власта, и не се наоѓа Катица Јанева на распит во обвинителството, тоа значи дека некој сака и нејзе да ја скрие и да го премолчи целиот овој скандал и инволвираноста на Катица Јанева во истиот скандал „Рекет“ Власта, СДСМ и Зоран Заев сакаат да го прикријат криминалот на Катица Јанева. Тоа потврдува дека и Зоран Заев и Катица Јанева и Кики и Фрики и сите останати се вмешани во случајот „Рекет“ – вели партискиот портпарол Димче Арсовски.
По вчерашните информации за форензичкото бришење од СЈО излегоа со демант.
Од опозицијата побараа носење на нов закон и уште еднаш ги повторија барањата за истрага на Јанева и другите обвинители во случајот „Рекет“.
– Потоа согласно законите бараме враќање на сите обвинители и истражители на нивните матични работни места од каде што доаѓаат и дури потоа доколку ако ги исполнуваат критериумите да конкурираат во новото обвинителство за гонење висока корупција и криминал. Не дозволуваме со закон, скокање по неколку скалила на обвинителите – рече Арсовски.
Сепак, нивниот предлог-закон засега не е пуштен во собраниска процедура, а министерката за правда, Рената Дескоска, вчера рече дека е е подготвена за разговор, но оти се сомнева дека ВМРО-ДПМНЕ сака само да го одолговлекува процесот.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека наскоро ќе се знае како ќе го туркаат законот.
– Видете, како што реков и вчера на моето излагање односно на одговор на прашање од Вашите колеги, техникалии се во прашање во однос на текстот кој што го подготвуваме за предлог законот. Така да веднаш потоа ќе излеземе и ќе го обзнаниме патот по кој што ќе го туркаме овој закон. Инаку за изјавата на министерката Дескоска би можел само да потенцирам дека во моментов гледаме на кој не му се искрени намерите со законот, тоа е СДСМ се со цел да се заштитат самите по падот на власта. Односно како што во моментов ја заштитуваат Катица Јанева, односно ја прикриваат – вели Арсовски.