Под мотото „Сите сме деца на Илинден“ ќе се чествува Денот на Републиката – 2 Август, во Скопје, Пелинце, Смилево и Крушево   

456

На предлог на Организациониот одбор, Владата на седница ја утврди Програмата за одбележување на Денот на Републиката – 2 Август Илинден, за која е задолжена Владата, и која, во координација со Собранието и со претседателот на државата, предвидува голем број свечености, чествувања и обраќања, соопшти Владата.

– Слоганот под кој се обединети сите чествувања, е „Сите сме деца на Илинден“ како концепт кој ги опишува заедничките вредности кои сите ги славиме, празнуваме, кои не обединуваат и поврзуваат, не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава, стои во соопштението.

Свеченостите по повод Денот на Републиката почнуваат со активностите на претседателот на државата, кој заедно со делегациите ќе положи свежо цвеќе пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев и ќе се поклонат пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методиј Андонов Ченто.

Претседателот Стево Пендаровски, заедно со Сојузот на борците ќе положи цвеќе на Алејата на славните, по што ќе следува прием за гостите и за делегацијата на борците во претседателската вила на Водно, каде што претседателот и претставник на Сојузот на борците ќе имаат и свои обраќања по повод празникот.

Одбележувањето на празникот истиот ден се чествува и во Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце. На свеченоста по повод Денот на Републиката – 2 Август, и по повод 75 годишнината од првото заседание на АСНОМ ќе говори претседателот на Собранието, Талат Џафери, по што следува културно-уметничка програма.

Централната свеченост по повод државниот празник Ден на Републиката – 2 Август во Крушево ќе се одржи на Мечкин Камен, каде после положувањето свежо цвеќе на споменикот на Мечкин Камен, следува обраќање на премиерот Зоран Заев. По обраќањето е предвидена и свечена културно-уметничка програма.

Како дел од Програмата за одбележување на Денот на Републиката – 2 Август, се и активностите во Смилево, со кои ќе се одбележат 116 години Илинден и 77 години од првата борбена акција на Битолско – Преспанскиот Партизански Одред „Даме Груев“.  Свечената програма предвидува положување на свежо цвеќе на спомен обележјата, по што следи посета на меморијалниот музеј Смилево.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...