СЛОБОДЕН УДАР Владата ќе ја враќа изгубената доверба

Значи, исто како и опозицијата и довербата во Владата може да се врати на голема врата. Иако Муковски не ја потпишал интерпелацијата.

737

Степенот на недоверба е одамна на највисоко, најзагрижувачко ниво. Не само што никој никому – и во ништо – не верува, туку ретко може да се најде некој што не се сомнева сам во себе. Колкумина од оние што за велигденскиве празници држеа проповеди и пишуваа трактати за верата навистина веруваат во Господ, а колку, пак, им веруваа оние што ги слушаа?

Каква, од кого и колкава доверба може да ужива судството по сè што се слушна за врските помеѓу политичарите и судиите, по изречените казни, по невините осудени, по нарачаните пресуди, лустрации…?

Постои ли некој што има доверба во здравството, во способноста на лекарите и во исправноста на лековите, некој што верува дека добил точна дијагноза и соодветна терапија?

Верува ли некој дека образованието ќе ги научи децата на вистински вредности, ќе им даде знаење, а не диплома, ќе ги оспособи за иднината што ги очекува?

Да не зборуваме за недовербата во парламентот, во власта, во опозицијата, во полицијата, црквата, медиумите, банките, партиите, клубовите, статистиките, семејството, соседите, пријателите, сведоците, другар(к)ите… и за штетите што доаѓаат како логични последици.

Од друга страна, тоа пак сè уште не значи дека треба да изгубиме секаква верба во сè. Зашто и тука, како во сè друго, има исклучоци. Имено, токму во ваква критична состојба на општа недоверба што владее во општеството, Владата вечерва ќе биде единствената институција на која ќе ѝ биде изгласана доверба!? А дека така ќе заврши парламентарната седница веруваат и оние што ја поднесоа интерпелацијата. Значи, исто како и опозицијата и довербата во Владата може да се врати на голема врата. Иако Муковски не ја потпишал интерпелацијата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...