Мицкоски предлага сите обвинители од СЈО да се вратат во матичните обвинителства и да се отвори истрага

620

ВМРО – ДПМНЕ не може да прифати сите обвинители од СЈО да се приклучат на јавното обвинителство за организиран криминал, а Катица Јанева да биде унапредена за две скалила –  во републички јавен обвинител со оглед на тоа што доаѓа од основно јавно овинителство, тоа би било голема неправда врз сите останати обвинители во државата, порача Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.

– Тоа го нема во ниту еден случај во светот, а е и грубо прекршување на сѐ уште важечкиот закон за СЈО кој предвидува овие обвинители по завршувањето на мандатот да се вратат во матичните обвинителства – истакна Мицкоски и предложи сите обвинители да се вратат во матичните обвинителства, а да се истражи инволвираноста на Катица Јанева во аферата „Рекет“ и нејзините релации со двајцата осомничени кои се во притвор, како и на високите функционери од СДСМ.

Тој побара и детална истрага за директна или индиректна поврзаност и на останатите обвинители и најави дека ќе изработат сопствено законско решение за јавното обвинителство кое, како што рече, „ќе биде на вистинските темели и бескомпромисна битка против криминалот и корупцијата.“

– Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е сите обвинители согласно законот на СЈО да се вратат во матичните обвинителства после престанокот на мандатот, детална истрага за срамниот случај „Рекет“, проверка на инволвираноста на Катица Јанева, нејзината релација и врска со двајца осомничени кои се наоѓаат сега во притвор, но не и помалку значајна нејзината релација со определени псевдоними за кои што јавноста шпекулира дека се дел од врхушката на власт. Се поставува прашањето дали ние вистински се бориме против криминалот со тоа што Катица Јанева ќе ја унапредиме во републички јавен обвинител, амнестирајќи ја однапред иако сѐ уште не е потврдено дали е виновна или дали е дел. И дали треба останатите обвинители без да истражиме дали тие имале директно или индиректно учество со закон да им го продолжиме  мандатот во новото обвинителство притоа сите останати обвинители во Република Македонија да ги навредиме и да ги направиме некомпетентни иако чесно и одговорно со години наназад си ја вршеле својата работа – рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ зборуваше и за непотизмот во СЈО.

– Вработените во рамките на Специјалното јавното обвинителство, 90 проценти од нив се луѓе коишто се во тесна роднинска врска со јавната специјална обвинителка или нејзините помошници обвинители, нејзини соседи, роднини, пријатели. Денеска е работа и професионална фела да си снаа идна на Катица Јанева или да си внук на Катица Јанева за да можеш да добиеш работно место во рамките на Специјалното јавно обвинителство, а не професионални квалификации. Ние не можеме да се сложиме да со закон овие луѓе бидат префрлени во новоформираното обвинителство и не можеме да прифатиме дека сите останати квалитетни правници во државата ќе немаат рамноправна можност како овие привилегирани внуци, ќерки, сестри, братучеди да конкурираат на оглас којшто би го распишало евентуално новото обвинителство – вели лидерот на опозициската партија. 

Според Мицкоски, со фузијата што ја предлага СДСМ, власта прави атак врз политичките неистомисленици, а сака да ги амнестира криминалите на врхушката на СДСМ.

Мицкоски за предметите на СЈО, рече дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е сите предмети до 30.06 2017 година, наместо да бидат преземени од новото обвинителство, да бидат преземени од државниот јавен обвинител и прераспределени таму каде што припаѓаат.

ВМРО-ДПМНЕ предлага и финансиска независност на целокупното државно обвинителство.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...