Пратеникот од СДСМ, Мухамед Зекири на денешната собраниска седница на која се поставуваат пратенички прашања, го потсети премиерот Зоран Заев дека ветил оти по две години од мандатот опозицијата ќе го предлага јавниот обвинител.
– Имаме брилијантен предлог од лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, Владимир Панчевски да се постави за јавен обвинител, човек кој е сѐ освен синоним за правда, човек кој е разрешен, човек против кој има обвинение за злоупотреба на АКМИС системот, човек кој рачно ги делеше предметите на СЈО кај подобри судии. Дали е дојдено време да се исполни вашето ветување? Ако овој не е прифатлив овој предлог, да се врати Зврлевски или некој друг од тефтерчето на Гордана Јанкулоска? – праша Зекири.
Заев пред да му одговори конкретно потсети дека власта прифатила добар дел од барањата на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои се спојување на СЈО со друго обвинителство, како и неупотреба на „бомбите“ како докази во случаите отворени по истекот на 18-те месеци. Потоа Заев се осврна на предлогот за Панчевски.
– Со ваквото однесување на опозицијата со ваквите предлози не гледам дека треба да им се даде можност. Да го предложите Панчевски, човек кој буквално во цел мандат ги давал предметите на стриктно избрани судии, човек кој има вакво минато и за кој Судскиот совет тоа го утврдил, сега да го предложите за јавен обвинител. Ако им дадам да го предложат јавниот обвинител, ќе го предложат и Никола Груевски – рече Заев.