Во првите шест месеци оваа година полицијата спречила двојно повеќе обиди за нелегален премин на границата со Грција, покажуваат статистиките на Министерството за внатрешни работи.
– Во периодот од јануари до јуни 2019 година, на границата спречени се 10.017 обиди за илегално преминување и истите се зголемени за два пати во однос на јануари-јуни 2018 година, кога беа спречени 4.795 обиди – велат од МВР.
Освен ваквото двојно зголемување, надлежните регистрирале и раст на откриените случаи на криумчарење мигранти односно на кривичните дела и нивни сторители, а паралелно со тоа и бројот на мигранти кои тие требало да ги пренесат низ територијата на Македонија.
Така, на пример, откриените случаи на криумчарење се зголемени за околу 43 отсто, првата половина од 2019 бројката изнесува 33, а лани истиот период биле регистрирани 23 случаи.
МВР поднело и повеќе кривични пријави, годинава за 24 кривични дела, а лани за 15. За годишените осомничени се 44 криумчари, додека за ланските двојно помалку – 22.
Паралелно и бројката на мигранти кои тие сакале да ги пренесат нелегално е зголемена. Во годишените 33 случаи МВР открило 492 мигранти, а во ланските 23 случаи имало 306 мигранти.
На овој нагорен тренд, се надоврзуваат и неколкуте посериозни случаи за кои МВР информираше во текот на овој месец. Најсвежиот е од понеделникот вечерта, кога на автопатот Неготино-Скопје, во близина на надвозникот Виничани, беше откриен камион со скопски регистрации во кои се превезували 61 мигранти.
Најголем број од нив биле од Пакистан – 45, од Авганистан девет, од Бангладеш шест и еден од Индија. Тие биле пренесени во Прифатниот центар „Винојуг“ Гевгелија и во Прифатниот центар за странци во Скопје за понатамошна постапка.
Три дена претходно, надлежните информираа за уште еден посериозен случај на криумчарење. За него, скопјанец заврши во притвор. На откривањето на случајот му претходела филмска бркотница со полицијата. Осомничениот во возило превезувал 18 мигранти, а кога полицајците се обиделе да го стопираат на автопатот Велес – Скопје кај мостот на реката Пчиња, тој наместо да застане, избегал. За да не го фатат кога стигнал пред патарината Петровец свртел полукружно и се обидел да го продолжи бегството по патот кон село Катланово. Но на влезот на селото, на надвозникот, направил сообраќајка удирајќи во друго возило. Така, полицијата го фатила и во возилото открила 18 мигранти, меѓу кои и 4 деца.