Пратеникот Антонио Милошоски на денешната седница за пратенички прашања јавно го праша премиерот Зоран Заев во врска со пишувањата дека наводно бизнисмен од Битола кој во првите три месеци од годината добил тендер за РЕК Битола бил рекетиран од функционер на власта кој му побарал 250.000 евра во кеш.
Плусинфо побара одговори од Основното јавно обвинителство (ОЈО) и од битолскиот комбинат за овие најнови пишувања за рекетарската афера врз македонски бизнисмени , а за кои премиерот Заев рече дека пратеникот Милошоски треба да ги пријави кај истражните органи.
Во ОЈО прашаме дали ги проверуваат наводите објавени во некои медиуми дека „бизнисмен од Битола пријавил рекет во странска амбасада“, а наводно станува збор за сопственик на компанија која добила тендер од РЕК Битола, а за возврат, според пишувањата, бил уценет да плати рекет во вредност од 250.000 евра во кеш.
И дали надлежен јавен обинител ќе отвори предмет по допрен глас во врска со овие пишувања, обелоденети во јавноста од свиркач, близок до наводно уценетиот бизнисмен од Битола. Одговор, очекуваме во текот на денов, а во РЕК Битола побаравме информација дали има истрага во компанијата од страна на надлежните органи, а во врска со наводен рекет извршен врз бизнисмен од Битола, чија фирма на почетокот на годинава добила тендер од РЕК, но во комбинатот не беа сигурни дали денеска ќе добиеме одговор на нашите прашања, со оглед на тоа што се очекуа избор на нов директор, откако досегашниот Васко Ковачевски застана на чело на ЕСМ.
Повеќе детали јавноста денеска дозна преку прашањата на пратеникот Милошоски до премиерот Заев.
Пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Милошоски наведе дека, за да се заштити од ваквото барање, бизнисменот од Битола искористил лични контакти со амбасадата на Белорусија во Белград која одговара и на барањата во Македонија.
– Дали изминатиов период на било кој начин во вашиот кабинет, или во вашата Влада, имало ургенции, контакти од страна на амбасадорот на Белорусија во Белград? – праша Милошоски.
Заев му рече на Милошоски доколку има било какви информации да ги достави до истражните органи, а претходно негираше дека кај него бил белорускиот амбасадор, или било кој од амбасадата.