Отворено писмо до МПЦ и УНЕСКО

1654

Се разбира писмото е упатено и до кабинетот на почитуваниот Премиер Зоран Заев, до уважениот Претседател Стево Пендароски и целиот амбасадорски корпус во Република Северна Македонија, но, пред сѐ, исклучително до неговата екселенција, Амбасадорот на РЕПУБЛИКА Турција.

Дедо ми Хасан, роден во Имарет или по ново во Плаошник имаше 4 ќерки.

Хасан Ибрахим Абдулах Бимбаш Имаретли од четирите ќерки, добива само 9 внуци и ниту една внука. Девет Југовича, би рекол некој и не би погрешил. Ѓултен Ибрахим Биба, Нихал Ибрахим Даут, Зефкизер Ибрахим Деар и Рамије Ибрахим Пател, му раѓаат 9 внуци на Хасан Имаретли (по мајчина линија).

Првиот, најстариот од 9 Југовича од Имарет, сум лично јас, Агрон Ибрахим Биба. (Следуваат: Мемет Даут, Арбен Биба, Беким Даут, Булент Пател, Сулејман Деар, Сабит Биба, Седат Деар и Ерсеј Пател.)

Некаде во илјада деветстотини и педесеттите години, во Охрид некој си смислил еден мал охридски погром.

И не само што го смислил, тој и неговите пајташи погромаши успеале и да го претворат во јаве. Погромашите, насилно, со употреба на вонзаконска полициска и државна сила, ги протеруваат од Имарет 18 муслимански семејства. Да не погрешам, ќе напишам уште еднаш. Осумнаесет Муслимански фамилии од населбата Имарет, сегашен Плаошник, се насилно со употреба на пендреци, кундаци и вперени пушки, протерани од Имарет, и многу од нив, со никаква одштета.

Дедо ми Хасан Имаретли, е `последниот Мохиканец`.

Тој е задржан два дена во затвор, а потоа, откога е ослободен, се качува кон својата куќа во Имарет, и наоѓа само урнатини од булдожер. Ја зема влезната врата и ѕвончето од влезната врата, и така натоварен, се симнува поздравувајќи се со уплашените, и посрамотените христијански комшии.

Таа врата е сѐ уште во наш посед. Ѕвоното е кај мене.

Имам предлог до МПЦ и сите други релевантни владини институции. Нудам еден ДЕНАР и Ѕвоно од Имаретска Муслиманска Куќа кое ѕвонело секогаш кога некој влегувал или излегувал во Имаретска (Плаошничка) куќа, и ја заменувала камбаната на Свети Климентовата Црква.

Значи, ЕДЕН Денар, едно Шарпланинско Куче (како бранител на Климентовата Црква) и едно ѕвонче кое ѕвонело за да присети дека тука била Стара Климентова Црква, во замена за една соба во големата тазе изградена зграда ли е, универзитет ли е… што и да е… ЕДЕН ДЕНАР + Едно ЅВОНЧЕ за една соба?!?!?! Мислам дека размената е повеќе од фер, нели?

Го повикувам УНЕСКО, да стапи во контакт со еден од најголемите наши новинари, почитуваниот ефенди Ерол Ризаов, кој ќе знае да ја објасни оваа Имаретско-Плаошничка Загатка. Кога пред 18 години, Ерол Ризаов пишуваше за разрушената Џамија, јас ја насолзив тастатурата на мојот компјутер во Лондон. Еххх бре Ероле, еххх бре Ефенди Ерол, кажи уште еднаш, што велеше почитуваниот професор Чипан за Имарет…

Толку од мене, засега.

Бидете поздравени, и специјалниот поздрав е до неговата екселенција, Амбасадорот на РЕПУБЛИКА Турција. Чок Чок бујук селам.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...