Беше страшно, се слушна викање „Бебето, бебето!“, жената го фрли во воздухот, веројатно да го спаси од забрзаниот автомобил. Вака раскажале очевидци за сообраќајната несреќа во Загреб која се случила вчера, пренесува „24сата.хр“.
На прометна раскрсница се судриле две возила, бело комбе и темносин „фолксваген караван“.
Сведоците кажале дека комбето удрило во задниот дел на другото возило, па удрило во стуб. Во неконтролираното движење, караванот налетал на клупа на која седела мајка со тримесечно бебе. Караванот запрел дури кога удрил во штандот со овошје, кој од ударот се поместил за околу два метра.
– Слушнавме дека жената има тешки повреди опасни по животот, додека бебето има само хематом. Се движеше со голема брзина и налета директно на несреќната жена – кажале шокираните очевидци.
Во близина на несреќата останала количката во која жената го возела своето дете. Количката исто така била оштетена во сообраќајката.