Вештачки дилеми

523

Јас целосно ја разбирам – или барем се обидувам да ја разберам, за што ќе пишувам подоцна – поентата со неовластеното прислушување, односно поистоветувањето на овие разговори со оние од т.н. ПИ мерки, кои што по употребата се уништуваат. Ама не знам дали дотичните кои на Владата ѝ ги сугерираат ваквите (во најмала рака) двосмислени чекори прават разлика, прво, помеѓу ПИ мерки за некои шибицари, рекетари, шверцери … па и криминалци од мал или поголем формат, со еден (екс)премиер на Влада (како бандитон од Букурешт), негови (екс)министри, екс ама и актуелни пратеници, бизнисмени … итн.? Не прават? Е па – би требало, зашто државата односно историјата ама баш воопшто не ја интересира како некоја бараба договарала шверц на цигари или некоја друга курентна стока преку граница, ама апсолутно ја интересира однесување на нејзиниот премиер и министри, пратеници и остала багра во даден период, без оглед дали добиените податоци се во легитимна или нелегитимна постапка, со легална или нелегална мерка! Разбирате? Не? Е па тогаш мислам дека ви недостасува едно мало (ама не е никакво, напротив) суптилно и многу важно чувство за правда, за државност, за историја …

Вториот битен факт е дека истите (нелегални, нелегитимни?) прислушкувани разговори на барабите од минатиот режим беа, во даден момент, соодветни за нивна употреба пред судските инстанци и покренување на темелни обвиненија, дури и пресуди, против криминалците. Ама сега тие одеднаш се – неупотребливи, незаконски, неприменливи … и мора да се уништат?! Извинете, ама може ли некој ова подетално да го објасни, за да разбереме? Зашто, ако едни докази, или „докази“, како сакате, во еден миг се прифатливи, тогаш кога тоа некому му одговара(ло), ама веќе во наредниот се неприфатливи зашто одеднаш некому му текнало, или некој некому шепнал дека сепак се незаконски, тогаш таквиот крајно симптоматичен и во основа превртлив став многу говори за несериозноста на која и да е власт. Која што, сѐ уште, сакаме да ја гледаме како сериозна, легитимна, легална, одговорна, свесна, компетентна … нели?

И сега, колку и да не сакав, ама таков е контекстот, „ме чешаат“ прстите барем телеграфски да го спомнам и појавувањето на „госпожата“ специјална обвинителка Јанева која, после толку денови мистериозно отсуство, се дрзна да се појави токму пред микрофоните на Специјалното јавно обвинителство. За да се обиде да се (о)правда. Што не е спорно, ама тоа требаше да го направи веќе вториот, ако не првиот ден од потенцијалното „обвинување“ – зашто и одземањето на телефонот на таков човек е директен сомнеж во нејзината вмешаност во случајот. Ако не, ќе го побараа и мојот телефон, нели?

Иако нејзиното појавување овојпат, сепак, ја немаше вообичаената помпа, придружба и поддршка не само на нејзините „грации“ туку и на кој и да е друг од таа институција, што повторно беше јасна назнака за нештата. Но, сакав да кажам нешто друго. Очекував, имено, да каже барем збор-два токму и за најавите за уништување на материјалите кои што беа/се предмет на нејзината работа неколку години. Мислам дека ова беше добра можност, ако воопшто таму имат став за тоа, ако воопшто размислувала за поширокиот (историски) контекст на тоа прашање. Не велам дека тоа ѝ беше единствена можност, можеби некогаш подоцна ќе се наврати на тоа (иако се сомневам), ама сега беше вистинскиот момент.

Инаку, таа веројатно е една од малкуте кои се подетално запознаени со содржината на повеќето „спорни“ материјали и сигурно е една од малкуте која што може да сугерира што таму може да се селектира како приватна комуникација (а со тоа и со етикета: недостапно за јавноста), но може и треба да посочи и што е она што е материјал со вредна историска иднина за кримогената структура на бившиот македонски режим. Ок, таа шанса е пропуштена, нагонот за самоодржување бил посилен, ама прашање е дали ќе има и друга шанса?!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...