Државниот јавен обвинител да ги преземе сите предмети од СЈО покренати на ниво на обвинение до 30 јуни 2017 година, а не обвинителот кој треба да раководи со новото обвинителство за организиран криминал и висока корупција, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју што вечерва беше емитувано на телевизија „Сител“.
– Државниот јавен обвинител да ги преземе во фаза во која што се – дали се во фаза на разгледување докази, распит на сведоци, завршни зборови, жалби пред Апелација итн. и согласно препораките на експертската јавност, тие процеси да ги распредели на обвинителствата таму каде што припаѓаат – рече Мицкоски.
Според него, со предложеното законско решение за јавно обвинителство е предвидено специјалниот јавен обвинител да се префрли во новото обвинителство.
– Катица Јанева даде оставка од позицијата специјален јавен обвинител, но со овој закон е предвидено таа да се префрли во републичкото јавно обвинителство, а останатите обвинители кои што и помагаат на Катица Јанева без разлика дали и тие кои индиректно учествувале во процесот „Рекет“, треба да бидат превземени во рамки на новото обвинителство за организиран криминал и корупција – вели Мицкоски.
Според него, обвинителите на СЈО не треба да се префрлат во новото Обвинителство, туку да се вратат во обвинителствата од кои што дошле.