Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Македонската асоцијација на новинари (МАН) преку соопштенија се огласија за случајот со новинарот Љупчо Златев кој беше повикан на распит во МВР поради објавените снимки на порталот каде тој е уредник, а кои се поврзани со сомнежите за сторени кривични дела од страна на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.
„На разговорот во МВР, од Златев било барано да потврди дали тој е автор на овие објави како и да го открие изворот на објавените информации и снимки. Тој потврдил дека е автор но одбил да даде информација за својот извор. ЗНМ потсетува дека Уставот на РСМ во членот 16 го гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање и ова право е загарантирано во Законот за медиуми како и во Европската повелба за заштита на човековите права. Истовремено, ретки се примерите во европските земји каде што за објавен текст кој индицира злоупотреби во системот, се повикуваат новинари да го кажат својот извор. Ваквата практика може да се толкува како притисок кон новинарите со што може да придонесе кон само цензура“, наведува ЗНМ во реакцијата.
Оттаму му нудат на Златев и бесплатна правна помош ако биде потребно.
И од МАН побараа од надлежните да не ги притискаат новинарите да ги откриваат своите извори, бидејќи тоа е спротивно на Законот за медиуми, Законот за укажувачи, Законот за свиркачи, а и на меѓународните новинарски стандарди на ЕФЈ и ИФЈ.
„Новинарот не е должен да ги открива изворите на своите информации и ниту еден закон од домицилна држава не може да го прунуди на тоа. Го поддржуваме ОЈО да ги истражува делата и сторителите на тие кои се посочени во новинарски текстови, особено доколку се документирани со фотографии, ауди-видео снимки и/или документи. Но, не може да се бара од новинарите да ја вршат работата на истражители“, посочуваат од асоцијацијата.
МАН потсетува и на Декларацијата за слобода на политичка дебата во медиумите на Советот на Европа, каде наведено е: „Јавните функционери мора да прифатат дека тие ќе бидат предмет на јавен надзор и критики, посебно по пат на медиумите во поглед на начинот на кој ги извршувале или ги извршуваат своите функции во онаа мера во која тоа е неопходно поради обезбедување транспарентност и одговорно извршување на функцијата“.