Премиерот Зоран Заев денеска објави предлог Акциски план за борба против дезинформациите и лажните вести, но не одговори на новинарското прашање колку ќе чини битката против нападите и манипулациите во информирањето.
За да се спречи дезинформирање на граѓаните преку социјалните мрежи и традиционалните медиуми, ќе се грижи тим предводен од министерот Роберт Поповски и од советникот Марјан Забрчанец.
На својата веб страница, како една од предожените мерки Владата ќе објавува одговори на прашања од новинарите и од граѓаните за да се спречи извртување на нејзините ставови, рече премиерот Заев додавајќи дека дезинформациите се еден од главните предизвици на демократијата и алатка за манипулација на граѓаните.
Тој предупреди дека злоупотребата на технологија стана сериозен упад во демократските процеси и сериозно се заканува да влијае на довербата на граѓаните во институциите.
– Република Северна Македонија во изминатите две години се соочи со масовно ширење дезинформации, а дел беа споделени и од територии на други држави – рече Заев кој потсети на аферата со лажните вести во која беа вклучени граѓани од Велес за време на претседателската трка во САД.
Заев објасни дека целта на изработката на акцискиот план, е да се зајакне националната безбедност и сигурност, а за предожениот план дорва ќе следуваат консултации и со граѓанскиот сектор и со медиумите.
Тој информираше дека акцискиот план има две компоненти – безбедносни и проактивни мерки, а ќе се формира акциска група за борба против дезинформации која ќе анализира и ќе ги следи нападите.
– Јас веќе користам нов број и апарат со безбедносен протокол. Ќе се направи листа на документи и информации, кои ќе треба да се објавуваат и ажурираат, а Владата на својата веб страница ќе одговара на прашања на граѓани и медиуми. Ќе има едукативна програма за дезинформациите и за нивното штетно влијание. Медиумската писменост ќе биде застапена во образовните програми која Владата активно ќе ја поттикнува – додаде Заев.