Царовска: Платите на социјалните работници зголемени за 22 отсто

503

За 22 отсто поголеми плати добиле вработените стручни работници и соработници во центрите за социјални работи, а во септември ќе добијат повисока плата за уште пет проценти. На ваков начин, како што изјави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, се враќа достоинството на социјалниот работник, се овозможува негова поголема мотивираност во работата за социјалните случаи да ги надминат проблемите со кои се соочуваат.

– Денеска имам средба со вработени во центрите за социјални работи со кои разговараме за нивниот кариерен развој, но, исто така, и за зголемувањето од 22 отсто кое го добија со исплатата на јунската плата во јули. Во просек стручниот работник ќе добива повеќе од 4.300 денари покачување.  Тоа значи дека ако едно лице кое било стручен работник во центрите досега земало плата од 23.190 денари сега ќе добива плата од 27.512 денари. Доколку лицето е со 15 години стаж, а во просек поголем дел од вработените се со повеќе години стаж, тоа ќе зема 29.505 денари – рече Царовска.

На ова покачување, најави Царовска, во септември ќе добијат и дополнителни пет отсто покачување, што, како што рече, укажува дека се враќа достоинството на социјалниот работник кој работи интензивна тешка работа и на меѓусебни односи кои се најтешко решливи во општеството.

– За да може да имаме квалитетен социјален систем, да кажеме дека развиваме услуги и оти социјалните случаи преку социјалната служба навистина ќе ги надминуваат проблемите со кои се соочуваат, мора да имаме мотивирани и квалитетни работници, што ќе се постигне со поголеми плати и преку системот за кариерен развој – рече министерката за труд и социјална политика.

На ваков начин, смета Царовска, овие работни места ќе бидат атрактивни за работници или стручни лица кои ќе сакаат да дадат максимум во општетсвото и во разрешувањето на социјалните проблеми во државата.

Директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Струмица Зоран Манев е согласен со ставот дека поголеми плати, но и можност за кариерен развој ќе придонесат за подобро поставен систем на социјална заштита.

Со новото законско решение, рече тој, се создаде можност платите да се планираат врз основа на можностите на Центрите и бројот на корисници.

Според него, има четири категории во кои вработените во центрите може да напредуваат и врз основа на тој принцип да дадат придонес за подобро поквалитетно решавање на работните задачи.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...