Британија испрати свој посредник во Иран за да преговара за ослободување на нафтениот танкер кој пловел под британско знаме, соопшти Мохамад Мохамади-Голпајегани, шеф на кабинетот на иранскиот врховен лидер, пренесува полуофицијалниот ирански информативен портал Тасним.
Затегнатоста меѓу Иран и Британија се зголеми откако Исламската Република минатиот петок го заплени танкерот Стена Имперо, наведувајќи дека се судрил со рибарско бротче.
Мохамади-Голпајегани не даде повеќе детали за престојот на британскиот посредник, но иронично ја коментираше британската улога во иранските внатрешни прашања за време на колонијализмот.
– Земја која своевремено именуваше министри и правници во Иран дојде до точка кога испраќа посредник кој моли танкерот да биде ослободен – ја пренесува Тасним изјавата на Мохамади-Голпајегани.