Два дена ја гледам, стаписан, онаа необична фотографија од ловиштето Јасен која во македонската јавност, со право, предизвика извесна запрепастеност. Се чудам дали во оригиналот фоткава е црно-бела, од некои минати векови, или е неодамна снимена?
На неа гледам 12 мажи, очигледно распојасани и разоружени ловџии – од кои третина со стомаци колку мојов, половината со рацете в џебови, а еден господин, петтиот од лево, ми е облечен во прилично „цивилна“ облека за да можам да го замислам легнат на некоја бусија – и неверојатен улов од 57 диви свињи, некои со големина на селски магариња, раскрвавени мртви трофеи наредени пред нивните нозе како што трупци се редат за да се сложат, кога луѓе се согласуваат!
Фотографијата, откако ќе ве мине шокот, е фасцинантна на многу нивоа и сигурен сум дека ќе го заврти светот. „Од дивините на Балканот…“
Но, кога нешто не разбирам, како неколку работи на овој ловџиски приказ, јас обично поставувам логични прашања… На пример: Колку часови или денови траел овој лов, за да се убијат шеесетина (!) вакви диви свињи? На сликата гледам крв колку да навадиш една осредна ливада, па мене тој улов ми се чини прилично свеж?! Отишле в мугри и се вратиле на залез на сонцето? Или цела ноќ го следеле крдово, за по светло на денот да го изрешетаат?
Или: Значи ли тоа дека најлошиот ловџија на фотографијата отепал 2-3 свињи, а најдобриот десетина, со просек од 5-6 диви свињи по човек? Оти, да ловиш цел ден и во некој час да уловиш едно животно, тогаш некако и можам да го отслушам ловџискиот наратив за витештвото, за надмудрувањето меѓу животинските видови, за денот во природа со подигнат адреналин и за вечерта околу оган со ракиичка и стапчиња колбаси кои чрчорат во жарта… И такви некакви ловџиски прикаски.
Но, да убиеш десет диви свињи за едно деноноќие, мене тоа повеќе ми лични на масакар во зоолошка градина. Со автоматски митролез.
Или: Ај што ги отепале свињиве, но што, по ѓаволите, направиле со тие десетина тони мртво месо, ако се знае дека просечната тежина на еден возрасен вепар може да се движи меѓу 75 и 200 килограми, па дури и 250!? Јеботе!
Потоа: Како е тоа транспортирано? Каде е закопано? Ги одрале за кожата или само ги турнале в јама? Прославата завршила со фотографијава или…?
Всушност, што ручало ова ловџиско друштво тој ден? Месни нарезок или конзерви сардина понесени од дома?
Конечно, за нас, неупатените, би ми било интересно да дознаеме колку пати во годината се случуваат вакви масовни помори?
Во другиот дел од дебатата скоро и да немам што да додадам. Знам што е средовечно машко бегање од дома… Можам да претпоставам колку фрустрации се лечат со пукање во подвижни мети (кога, веќе, не можете да го искршите намештајот по дома или да си фатите швалерка)… А и јасно ми е дека меѓу ловџии и заштитници на животински права има шанси да дојде до согласност кога на врбата ќе се родат смокви, откако ќе се заврши со гроздоберот… И дека треба да си од животински вид што јас не го разбирам за да можеш да направиш вакво масовно клање на животни и да застанеш, трофејно, да се сликаш со него.
Што не значи дека не би поддржал решителна акција за собирање на сите илјада кучиња скитници низ Скопје што дневно гризнуваат по пет луѓе. Колку да си имаме разбирање.
Извор: Цивил медиа