Законот за обвинителство може да се донесе во август ама ако сакаат партиите

144

Владата вчера на седница го усвои Предлог-законот за Јавното обвинителство и донесе одлука да биде испратен на усвојување во Собранието со европско знаме и во скратена постапка.

На предлог на Министерството за правда Владата прифати во собраниска постапка да биде пуштен и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија поради терминолошко усогласување со Предлог-законот за Јавно обвинителство.

Собранискиот спикер Талат Џафери вчера изјави дека доколку Предлог-законот биде доставен до денеска  во Собранието, во тој случај пленарна седница ќе може да се свика на 29 јули, а законот би може да биде донесен до крајот на август доколку постои согласност за него меѓу политичките субјекти во Парламентот со оглед дека за да се донесе потребно е двотретинско мнозинство.

Од владејачката СДСМ очекуваат сите пратеници, а пред сè ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат ова решение.

– ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да покажат одговорност и да го прифатат Предлог-законот за Јавно обвинителство и да ги остават надлежните институции да работат независно, професионално и неселективно. Република Северна Македонија е правна држава во која владеат законите. Секој оној за кој ќе се докаже дека постпапувал незаконски ќе одговара – соопшти СДСМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека и тие подготвуваат Предлог-законот за јавно обвинителство кој, како што најавуваат, многу скоро ќе биде доставен до Собранието и до јавноста.

Според нив, законот предложен од СДСМ наместо правна држава треба да го зајакне рекетарско-судско-политичко-медиумскиот октопод кој е создаден од оваа власт.

Новиот закон за Јавно обвинителство е предложен, откако претходно немаше успех на средбите на работните групи на власта и опозицијата.

Владиниот Предлог-закон е СЈО да стане составен дел од Јавното обвинителство за организиран криминал со ново име – Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела теритоија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Сите обвинители од СЈО можат да продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат. Истото важи и за останатиот персонал, а архивата, опремата ќе бидат префрлени во новото обвинителство.

Јавното обвинителство за гонење криминал и висока корупција ќе биде надлежно за најсложените форми организиран криминал и висока корупција, позната како корупција на белите јаки, велат од Министерството за правда.

Со преодните одредби, предвидено е законот да отпочне да се применува на 15 септември.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...