Во очи ме гледа и не престанвит!

Пред многу години, кога виолинистот Стефан Миленковиќ сė уште бил чудо од дете, а Охрид чудо на УНЕСКО, младиот музичар доживеал несекојдневен инцидент. Прочитајте што се случило. 

17355

Ајде за момент да ги баталиме рекетариве и „злоупотребените“ и малку да се посветиме на летната шема. Ќе ви раскажам една вистинска анегдота за виолинистот Стефан Миленковиќ, кој деновиве повторно гостува во Охрид и раскажува за своето воодушевување од нашиот бисерен град.

Пред многу години, кога Миленковиќ сѐ уште бил чудо од дете, а Охрид чудо на УНЕСКО, младиот виолинист настапил на Охридско лето, во црквата „Света Софија“. По извонредниот настап, дел од домаќините и од гостите, заедно со малиот Стефан, седнале во истоимениот ресторан кај Пендота на вечера и дружење.

Заседнале така луѓето и дружењето се оддолжило во прекрасната охридска ноќ. Тогаш некој побарал Стефан да засвири на својата виолина. Инспириран од настапот и од вниманието со кое бил опкружен, Миленковиќ решава да засвири, а звуците на неговата виолина прават вистинска магија, од која сите се маѓепсани.

Сите освен еден…

Одненадеж, во кафеаната влегува локалниот позорникар и строго прашува:

– Каква е оваа врева после полноќ?! Музиката веднаш да престане!

Сите гледаат збунето, а Стефан, занесен во својата виолина, свири ли свири…

– Слушаш ли ти бе, веднаш престани со свирење! – наредува полицаецот.

Домаќините веднаш стануваат како попарени и се обидуваат да му објаснат на органот дека ова не е обична музика, дека тоа е Стефан Миленковиќ, виолинист од светски глас и дека со својата музика чудото од дете им оддава почест на своите домаќини.

– Не ме интересира, законот си е закон и важи за сите. Ајде ти, веднаш престани! – заповеда позорникарот.

Малиот Стефан го гледа зачудено, со ококорени очи. Веројатно никогаш вакво нешто не му се случило. Тој поглед органот го сфаќа како провокација.

– Престани бе, престани! Абе глејте го, во очи ме гледа и не престанвит!

Не се сеќавам точно како завршил инцидентот. Веројатно некако се смирила работата. Ме радува што сега, после толку многу години, Миленковиќ е воодушевен од Охрид. И ако се сеќава на онаа епизода, сигурно се смее од срце.

Тоа е нашиот бисер на УНЕСКО. Да го парафразирам поетот, да се носи Охрид во срцето е како да се носи камен во бубрег.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...