Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, првпат излезе во јавноста откако пукна аферата „Рекет“, а истовремено таа си даде оставка. Даде изјава за медиумите, но избега од новинарските прашања.
Таа рече дека го разбира, почитува и оправдува интересот на јавноста за „Рекет“ оти е носител на јавна функција за која мора да има целосна транспарентност. Ги отфрли наводите за нејзина вмешаност и го впери прстот кон првоосомничениот Бојан Јовановски – Боки 13, дека го злоупотребил нејзиното име. Исто така, ги охрабри институциите до крај да го расчистат случајот.
– Во врска со наводите, индициите или неофицијалните информации за наводната моја вмешаност, најодговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно не сум ја злоупотребила должноста која во моментов сѐ уште ја извршувам. Ги охрабрувам правосудните органи до крај да го расчистат случајот. Точно е дека јас и многу други сега носители на државни функции, се познаваме со Бојан Јовановски, никогаш не сум криела дека син ми работи во 1ТВ и дека на дневна основа заради работни обврски комуницира со Јовановски, но тоа не значи дека некој стекнал право да ја користи мојата службена должност за да остварува привилегии и незаконити дејства. Очекувам низ една транспарентна правосудна постапка да се стави крај на неофицијалните информации со кои некој се обидува да им наштети на моите чест и углед. За жал, до мене стигнуваат информации дека не само Јовановски, туку и многу други го злоупотребуваат моето име за различни цели – рече Јанева.
За нејзината оставка кажа дека ја депонирала за да не биде таа изговор за попречување на евроинтеграциите и оти од почеток знаела дека ќе биде изложена на различни шпекулации и обиди за нарушувања на интегритетот.
– СЈО е поголемо и позначајно од мојата функција. Оставам во наследство десетина истраги подготвени за брзо процесирање. Убедена сум дека тие предмети ќе дадат одговор зошто некој се обидуваше да го спречи мојот реизбор и со невидена медиумска хајка да го загрози интегритетот – рече Јанева.