Дете по пожарите во Грција посетува психолог и црта страшни цртежи, каков е животот по хоророт?

Едно од нејзините правнуци, тогаш на тригодишна возраст, по преживеаното посетува психолог, а неговата прабаба вели дека иако не говори ништо за пожарот, црта страшни цртежи.

1037
ФОТО: МИА

Некогаш една од омилените викенд дестинации на атињаните, сега веќе е симбол на ланските пожари. Во делови од Мати како времето да запрело кобниот понеделник на 23 јули 2018 година, кога навидум безопасниот пожар со огромна брзина, поради силниот ветер се спушти до куќите, а огнената стихија проголта домови, автомобили и одзеде 102 животи.

Дописничката на МИА од Атина, го посети Мати, една година подоцна, прошета по тесните улички, поразговара со локалното население, со оние кои успеаа да излезат победници во борбата со пожарот, со оние кои загубија член на нивното семејство…

Ако лани на неколку дена по пожарот мирисот на изгорено го покажуваше патот до Мати, сега, една година подоцна, куп изгорени дрва, собрани на огромен плац „ги пречекуваат“ посетителите на еден од главните влезови во малата приморска населба.

Каква е ситуацијата во населбите што лани беа зафатени од пожарот?, е главното прашање што овие денови се поставува во Грција.

Урнатините и понатаму се урнатини, изгорените куќи и понатаму се изгорени куќи и немо сведочат за трагедијата. На прв поглед речиси ништо и да не е променето. Тоа го коментираат и граѓаните.

Единствено, пресечени се изгорените дрва и поставени се патокази „Плажа“ на тесните улички кои упатуваат дека не е ќор-сокак. Мештаните велат дека знаците биле ставени непосредно по пожарите, со оглед на тоа што голем број од жртвите во обидот да им избегаат на огнените јазици и да стигнат до морето, заглавија во слепи улички.

На ѕидовите од разрушените куќи и понатаму се присутни бројките во различни бои, што ја означуваат ситуацијата во која се наоѓа објектот, дали е поволен за живеење, дали е потребно реновирање или пак треба целосно да се сруши.

Во Мати и Кокино лиманки, двете приморски населби, животот продолжува за оние кои и покрај трагедијата решија да не го променат место на живеење. Но, животот продолжува поинаку од претходно.

Мештани од различни возрасти, за МИА се присетуваат и раскажуваат, некои со солзи во очите, како успеаа да им побегнат на огнените јазици и да се спасат, но и коментираат каква е сега ситуацијата во нивните населби.

Шест часа поминати во море во исчекување на помош

Госпоѓа Кети е веќе во поодминати години. Само што заврши со утринското капење во морето на една од локалните плажи, на истата онаа плажа каде што лани речиси шест часа останала во вода, заедно со внуката и нејзините правнуци. За МИА детално раскажува како успеала да се спаси.

– Внука ми гo забележа пожарот, да не беше таа сега сите ќе бевме пепел. Ми вели: Бабо, не ти мириса на изгорено? И велам мириса, ми вели ќе се качам горе на катот да видам. Доаѓа ми вели гори на брдото, но таму секоја година гори, но не стига до тука. Ми вели, бабо гори сегде, станувај да бегаме, ги зема децата, стана и нејзиниот сопруг и почнавме да бегаме кон морето. Огнот беше зад нас. Додека трчав ја загубив едната папуча и со едната нога газев во оган, грбот ми гореше, но успеав да стигнам до морето – раскажува Кети.

Откако стигнале во морето, останале во вода шест часа додека да дојдат по нив чамци и тоа, по инцијатива на рибари и сопственици на чамци и глисери.

– Додека чекавме беше комплетна тишина. Имаше и многу деца, никој не изусти збор. Ни мамо, ни тато ништо. Чудно. Стоевме во морето и чекавме. Само гледаш кренати раце со мобилни телефони за да не се намократ. Многумина ги загубија мобилните. Имаше една изгорена жена, беше час во морето, час во песокот – се потсетува пензионерката.

Едно од нејзините правнуци, тогаш на тригодишна возраст, по преживеаното посетува психолог, а неговата прабаба вели дека иако не говори ништо за пожарот, црта страшни цртежи.

Со малите рибарски чамци биле пренесени до големите бродови кои ги однеле на пристаништето во Рафина, а од таму во болници и во хотелот што ги примил настраданите.

– Една година подоцна ништо не е направено – коментира ќерката на Кети.

Вели дека гранките, дрвата, сето она што изгорело во пожарот до неодамна било по улиците и додава дека речиси ништо не е сменето од лани.

Јанис и мајка му се сопственици на таверната во која е и госпоѓа Кети. Таверната е веднаш до една од плажите на која спас од огнените јазици побараа стотици граѓани, а беше местото каде што војската постави шатор и во првите денови по пожарот делеше хуманитарна помош, прехранбени производи и средства за лична хигиена за граѓаните.

Таверната претрпе штета во надворешниот дел, сега една година подоцна, повторно е отворена за локалното население и туристите. Сопственикот вели дека во Мати речиси и ништо да не е направено од лани.

– Единственото нешто што е направено е само што ги пресекоа дрвата, изгорените дрва, го снема црнилото. Би рекол дека ова е единственото нешто. Ништо друго не е направено. Ниту почнаа да се реновираат куќите што целосно изгореа, остануваат напуштени, иста е ситуацијата и со бизнисите. Кафулето од спротива е во иста состојба како лани, целосно изгорено. Половина од луѓето што живееа тука не се вратија. Атињаните кои доаѓаа на викенд веќе не доаѓаат бидејќи сметаат дека нема веќе живот тука – вели сопственикот на таверната.

Младиот Јанис во разговор со дописничката на МИА од Атина се присетува на кобниот понеделник. Вели дека среќа што пожарот бил во работен ден, па немале многу гости ни тие, ни кафулето од спротива што изгоре целосно.

– Бидејќи е лесен пристапот до морето, овде се собравме околу 400-450 луѓе и на крај сите завршивме во морето за да се спасиме. Она што го преживеавме беше навистина тешко. Од вода излеговме околу 21-21:30 часот. Чамците, во поголемиот број приватни, дојдоа околу полноќ, по три часа. Бидејќи имаше чад и беше темно, ноќе не можеа да видат, да разграничат каде има карпи каде има луѓе за да не ги удрат со чамците – раскажува Јанис.

Студентката Теодора се соочила со еден од најголемите нејзини стравови – пожарот, а за да се спаси требала да плива со часови.

– Пливав, ни јас не знам колку часа. Мајка ми остана на плажата, јас бев со пријатели. Додека пливав мислев само на тоа да се спасам, мислев на моите најблиски дека морам да издржам да ги видам пак – вели Теодора во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Сега со нејзините родители живее под кирија, нивниот дом бил целосно уништен, чекаат можеби во некој момент, одново да го изградат.

Без кров над глава останал и поранешен пожарникар, кој поради неговата професија реагирал навремено и тој заедно со неговата сопруга спасот го побарале во морето. Иако сега се привремено во друга населба, го посетуваат често Мати. Чекаат помош од државата за одново да добијат дом. Велат дека им изгорело се, единствено нешто што имаат е нивниот автомобил.

Неколку граѓани со кои поразговара дописничката на МИА од Атина, имаа идентичен коментар, дека ако побегнеле само неколку минути подоцна, ќе биле меѓу жртвите.

– Да побегневме 10 минути подоцна, сега ќе беа 104 жртви, меѓу нив и јас и жена ми. Видов дека пожарот се приближува и избегавме навреме и тоа по улицата каде што се случи големата трагедија. Побегнавме навреме, за жал другите што тргнаа подоцна изгореа живи – објаснува повозрасен Грк кој коментира дека и дома да останеле веројатно ќе преживееле бидејќи куќата претрпела штета само во надворешниот дел.

Во однос на ситуацијата сега, една година подоцна, вели дека самото локално население се обидува да го врати животот во Мати.

– Се обидуваме сами да си помогнеме, бидејќи не постои никаква помош од државата. Се трудиме. Садиме по некое дрвце – вели жителот на Мати.

Младиот Маркос и неговите родители останаа без нивниот дом. Куќата изгорела целосно, поминале одреден период во кампот што ги прими луѓето што останаа без кров над глава, а сега живеат на друго место, но повторно во Мати. И тој вели дека ако реагирале само пет минути подоцна, веројатно ќе изгореле живи.

– На мајка ми и се јавија пријатели и ѝ кажаа дека се приближува пожарот, веднаш влеговме во автомобил и заминавме од дома – вели Маркос.

Туристите го враќаат животот во Мати

Мати не е само викенд дестинација за атињаните, туку и туристичка дестинација. Меѓу жртвите лани имаше и туристи. Можеби на прв поглед времето застанало во Мати, но туристите не му го завртеа грбот на ова приморско место на истокот од Атина.

Низ тесните улички и во Мати присутни се и туристите, престојуваат во некој од хотелите или пред да заминат за некој грчки остров или да одморат од прошетките во Атина.

Мештаните велат дека иако нивниот број не е толку голем како претходно, сепак им влеваат надеж дека иако можеби ќе треба време, сепак ќе помогнат Мати да ја добие живоста што ја имаше до 2018 година.

Брачен пар од Чешка токму во Мати го поминуваат нивниот одмор. Не знаат ништо за ланскиот пожар. Велат дека од изгорените објекти сфатиле дека нешто се случило, но не знаеле точно што. Од дописничката на МИА дознаваат дека над 100 лица го загубија животот. Прашуваат колку време траел пожарот. Не им се верува дека не се во прашање денови или седмици туку само неколку саати.

-Прв пат сме тука и се прашувавме што се случило. Неверојатно. За толку кратко време да загинат толку луѓе, коментираат и шокирани заминуваат да ја продолжуваат нивната прошетка.

Ланскиот пожар во општина Рафина во источниот дел на регионот Атика, што зафати повеќе приморски населби во кој 102 лица го загубија животот е вториот пожар во светот во 21 век со најголем број на жртви, по оној во Австралија во кој загинаа 180 лица.

За само неколку часа, огнените јазици проголтаа автомобили, домови, а над 20 лица изгореа живи откако не успеаа да најдат излез за да стигнат во морето.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...