Глобал СОС е новиот контакт центар за итни случаи преку кој граѓаните на Македонија кои се наоѓаат надвор од државата ќе може директно да се обратат за која било итна ситуација а кој директно ќе им помогне или ќе ги поврзе со соодветната институција или конзуларен службеник кој ќе може да им ја обезбеди итната конзуларна услуга.
Граѓаните може да се јават на бројот 075 273-372, своите барања да ги напишат на електронската адреса globalsos@mfa.gov.mk, да побараат помош преку профилите на МНР за социјалните мрежи Фејбук и Твитер. Сите овие информации се објавени на страницата на МНР, каде освен дежурниот број се и броевите на сите дипломатско-конзуларни претставништва. Изборот на нив е дали директно ќе се јават на дежурниот број или пак ќе го побараат соодветното ДКП.
Ова на денешната прес-конференцијата во Скопје го посочија министерот за надворешни работи Никола Димитров и директорот на Директоратот за меѓународно право и конзуларни работи, Љуфтим Спахиу.
– Согледувајќи ги проблемите на граѓаните да стапат во контакт за да добијат лесен пристап до неопходни информации се одлучивме во рамки на сегашната регулатива да формираме едно тело за кризни ситуации во делот на конзуларните односи и една телефонска линија, која редовно ќе биде опслужувана од дежурни конзуларни работници и луѓе кои работат во делот на конзуларни односи. Ја нарековме Глобал СОС, во моментот ќе функционира на една телефонска линија – рече Димитров.
Тој додаде дека контакт центарот ќе работи на емаил, на вибер, но потенцира дека ќе се обидат сите можни алатки на комуникација да ги направат пристапни за оваа работа. Според него, ова е мошне актуелно во летните месеци, кога граѓаните повеќе се соочуваат со вакви предизвици.
– Сакавме да видиме каде се губи контактот меѓу граѓаните и ДКП и МНР. Анализите покажаа дека многу доцна ги добиваме информациите или дека граѓаните немаат никаков контакт. ГЛОБАЛ СОС функционира веќе месец и половина и статистиките покажуваат дека е ефективен – додаде Спахиу.
Додаде дека сите наши државјани кои се наоѓаат во странство можат на контакт телефонот на Глобал СОС, кој се наоѓа на веб страницата на МНР да се јават директно или преку вибер и ватсап, во иднина и преку други апликации.
Тројца службеници засега работат на дежурниот телефон, а граѓаните на него можат да се јават од 8 до 22 часот, дежурните броеви во ДПК-та работат 24 часа во седмицата редовно без прекин.
– Итен случај е секој, кој ќе го почувствувате дека е итен – смртен случај, сообраќајна незгода, природни катастрофи, да биде ограбен, физички нападнат, губење личен документ, потреба за издавање таков документ, заштита во органите на државата каде се наоѓа, но граѓанинот и сам си одредува што е итен случај – појасни Спахиу.
Тој додаде дека дури 80 отсто од јавувањата припаѓаат во категории кои не се итни, но сите до еден се услужени.
Тој ојанси дека луѓето често се јавуваат во странство, кога престојуваат подолго и бараат начин да го продолжат престојот, а други се интересираат за визи во трети земји, на кој начин, во кое претставништво да ги извадат и тоа не се итни случаи.