Дендиас: Ќе ги продлабочиме односите со северниот сосед, но нема да толерираме неусогласеност

173
Photo: EPA / Herve Cortinat

Ќе направиме сé што можеме да се намалат негативните последици од Договорот од Преспа, ќе се стремиме и кон продлабочување на односите со северниот сосед, но нема да толерираме нецелосна усогласеност, порача министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас во неговиот говор во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас ги презентираше позициите на новата влада во надворешната политика и посебно се осврна на сите теми, меѓу кои и Договорот од Преспа и односите со Северна Македонија.

– Нашата позиција е позната, ја изразивме и како опозиција. Договорот требаше да се заврши на покорисен начин за нашите национални интереси. Нашата цел е да сториме сé што е можно за да се намалат негативните последици. Ќе се стремиме кон продлабочување на односите со нашиот северен сосед во рамките на взаемно корисна соработка. Но, нема да толерираме феномени на нецелосна усогласеност – рече Дендиас.

Во однос на регионот, шефот на грчката дипломатија рече дека Балканот не е нивната дестинација, но е нивно соседство и Грција ќе биде присутна во случувањата. Истакна дека тие ја поддржуваат европската перспектива на Западен Балкан и го повтори ставот на поранешниот грчки премиер Константинос Мицотакис дека „потребно е Грција одново да се постави како стабилна и силна европска земја на Балканот, а не балканска земја што извезува проблеми во Европа“.

– Ја поддржуваме интегративната перспектива на земјите од Западен Балкан, со водечки критериум зацврстување на мирот, безбедноста, стабилноста, развојот и напредокот во поширокиот регион. Во исто време, нагласуваме дека патот кон ЕУ е неразделно поврзан со почитување на строгите услови, врз основа на самите постигнувања на кандидатите – рече министерот за надворешни работи на Грција, пренесе МИА.

Дендиас во неговиот говор во парламентот за време на расправата за гласање доверба на владата, детално се осврна на останатите прашања во грчката надворешна политика: односите на Грција со САД, Русија, Турција и Албанија, кипарското прашање, Источниот Медитеран, Блискиот исток.

Photo: EPA / Herve Cortinat

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...