Водата во Охридското Езеро исправна за капење

163
20130502 Thursday 1418 Ohrid

Последните анализи спроведени од Центарот за јавно здравје во Охрид покажуваат дека водата во Охридското Езеро е безбедна за капење, спорт и рекреација.

Директорот на Центарот Сашо Точков појасни дека ситуацијата со микробиолошкото загадување на водата во делот на крајбрежјето на плажата кај вливот на реката Грашница е надмината, а анализите спроведени на 15 односно 17 јули покажуваат дека водата на тој дел од крајбрежјето е од втора категорија односно безбедна за капење.

– На местата каде претходно беше регистрирана трета класа сега водата е почиста односно од втора класа и може да се користи. За ова се известени инспекциските служби за да постапат по однос на воведената забрана, се надевам тоа да се реши деновиве. Делот кај река Грашница е повторно загаден, таму водата е од трета класа, но тој потег не се користи за капење. Во останатиот крајбрежен дел водата е од прва и втора класа – истакна Точков.

Според информациите од Центарот, нивни екипи вршат редовни контроли и на квалитетот на водата од јавните чешми, при што наодите покажуваат дека истата е исправна за пиење. Кај водата од „Билјанини извори“ забележлив е променлив карактер во квалитетот, но последните анализи покажуваат дека таа е безбедна за пиење.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...