Дирекцијата на грчката Противпожарна служба за справување со криминал со подметнување пожари, вчера уапси 64-годишен маж под сомнение дека од небрежност го предизвикал пожарот во Мегара, предградие во западниот дел на областа Атика, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Противпожарната служба на Грција соопштуваат дека за уапсениот веќе е известен јавен обвинител и потсетуваат на мерките и упатствата што треба да ги следат граѓаните за периодот во кој постои опасност од пожари.
Вчерашниот пожар во Мегара, изби кусо по 13 часот, а попладнето беше ставен под контрола.
Во гаснењето учествуваат 51 пожарникар, 19 возила, членови на специјализираната противпожарна бригада, еден пешадиски тим и два хеликоптери, а генералниот секретар за цивилна заштита, Никос Хардаљас итно замина во предградието, кусо откако изби пожарот.