Прилеп го формираше Советот за превенција

117

Локалниот совет за превенција на општина Прилеп денеска го одржа првиот состанок, на кој присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

По разгледувањето на севкупната состојба во градот на основа на податоците добиени од Полициската станица од општа надлежност – Прилеп, состанокот со кој претседаваше градоначалникот Илија Јованоски, беше заклучено дека безбедносната состојба во Прилеп е стабилна.

Јованоски истакна дека на првата седница на Локалниот совет за превенција се дискутирало за безбедносната состојба во градот, пред сѐ поради настаните кои се случија во градот во последните десетина дена, односно со двете фрлени рачни бомби. Имајќи ја предвид важноста на ова прашање, на состанокот беа поканети сите членови на Советот на општина Прилеп, но советниците на опозицијата, предводени од ВМРО-ДПМНЕ, не присуствуваа.

Според Јованоски, Советот кој брои пет постојани и 10 придружни членови требаше да ги обедини сите. Сепак се преземени превентивните мерки.

-За жал, советниците од опозицијата не дојдоа, иако денеска беше прилика присуството на министерот Спасовски да го искористиме да ни одговори на некои прашања кои нѐ мачат. Опозицијата излегува на прес-конференции, а сега беше вистинското време на институционален начин пред министерот, при Локалниот совет за превенција, да прашаат како да најдеме начин да се справиме со сето ова што се случува во нашиот град. На наше задоволство, министерот Спасовски рече дека во постапка е Полициската станица од општа надлежност во Прилеп, да прерасне во Сектор за внатрешни работи. Драго ми е што министерот и Владата размислуваат за тоа, бидејќи со сиот потенцијал и капацитет, Прилеп заслужува и треба да има Сектор за внатрешни работи – изјави Јованоски.

 Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека врз основа на претходната средба одржана во Полициската станица и добиените информации, безбедносната состојба во градот и мирна и стабилна, дека нема елементи на нејзино нарушување, што значи дека граѓаните на Прилеп може да бидат спокојни.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...