Карлеуша сослушана во полиција поради пропаганда против ММР вакцина

Кривична пријава против 43 лица на почетокот од февруари покрена група од 270 родители поради ширење страв и паника од вакцини и појава на епидемија на морбили.

664

Српската пејачка Јелена Карлеуша денеска е сослушана во белградската полиција во рамките на предистражна постапка за утврдување одговорност на јавни личности кои шират пропаганда против вакцинација на децата со ММР вакцина.

„Блиц“ јави дека во пријавата против Карлеуша се наведува дека предизвикувала паника со своите објави на социјалните мрежи за наводна штетност на вакцината, која децата ги штити од мали сипаници, рубеола и заушки.

Пејачката била сослушана од втор обид, затоа што првиот повик, според весникот, го избегнала со патување во Турција.

Одделот за високотехнолошки криминал на високото јавно обвинителство во Белград минатиот месец ѝ даде налог на полицијата да изврши проверки на фактичката состојба и да собере потребни докази „со цел на адекватен начин и во целост да се спроведе и заврши преткривичната постапка“.

Обвинителството тогаш порача дека во овој, како и во секој друг предмет, нема да има отстапки ниту исклучоци при утврдување кривична одговорност и кривично гонење на лица кои извршиле кривично дело.

Српските медиуми јавија дека полицијата до сега ги испрашала драматургот и професорка на Факултетот за драмски уметности Маја Волк, професорката Мира Совиљ, лекарот Тодор Јовановиќ, педијатарот од Зрењанин Мирко Грубиќ, новинарката и писателка Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ.

Кога ќе завршат сите предистражни постапки, надлежниот обвинител од Високото обвинителство во Белград ќе одлучи дали има доволно докази да се покрене истрага против „антивакцинашите“ и за кое кривично дело.

Кривична пријава против 43 лица на почетокот од февруари покрена група од 270 родители поради ширење страв и паника од вакцини и појава на епидемија на морбили.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...