Ципрас до Мицотакис: Сега е добар Договорот од Преспа?

4910

Господине Мицотакис, драго ми е што како премиер решивте да ја задржите националната линија за еден национално корисен договор, за еден историски договор што ја надградува нашата Македонија и ја надградува улогата на Грција во странство, рече лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција во неговиот говор, на првиот ден од расправата за гласање доверба на новата грчка влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Алексис Ципрас, во делот од неговото обраќање, посветен на надворешната политика се осврна на Договорот од Преспа, ги спомена јавно изразените позиции на министерот за одбрана и алтернативниот министер за надворешни работи за време на нивното учество на конференцијата на „Економист“ и го праша Мицотакис, дали сега е добар договорот.

– Господине Мицотакис, една и пол година, Вие и вашите членови бевте протагонисти во протестите за македонското прашање. Ги прифативте радикалните кои беа на протестите и многу пати го даваа ритамот на овие протести. Многу од вашите членови не нарекуваа предавници. Некои од пратениците на СИРИЗА најдоа насилници пред нивните домови, со бомби молотов, министерот за надворешни работи најде десетици заканувачки пораки со куршуми, а вие бевте предводник во критиката за предавнички договор. Сега е добар Договорот од Преспа? Ова го вели новиот министер за одбрана новиот и министерот за европски прашања, рече Ципрас, нешто што беше поздравено со аплауз од пратениците на СИРИЗА.

Поранешниот грчки премиер истакна дека многу поважно од тоа што го велат министрите од владата е она што Мицотакис ѝ го кажал на Тереза Меј во телефонскиот разговор.

-Според известувањето објавено од Лондон по вашиот телефонски разговор со британската премиерка, излезе соопштение во кое ја поздравува вашата заложба за целосно почитување на договореното во Преспанскиот договор иако Вие одбравте конкретниот дел да го цензурирате преку Атинската новинска агенција, која патем е под ваша одговорност. Го демантирате ова? Зошто го цензуриравте? Зошто го скривте? Тоа е fake news од Downing street? – праша Ципрас и му порача на Мицотакис дека „хипокризијата во политиката се плаќа“ и во иднина ќе се соочи со она што го направил и кажал за Договорот од Преспа.

Лидерот на СИРИЗА во неговиот говор ги коментираше приоритетите на грчката влада и програмата претставена од Мицотакис, спомена каква била ситуацијата во Грција, особено финансиски, кога тие дојдоа на власт во 2015, а каква е сега, додека пак на почетокот од обраќањето рече дека по 10 години парламентот се свикува во момент кога „земјата ја врати економската сувереност“ и „без присуство на неонацистите од Златна зора“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...