Случајот „Рекет“ е една од најголемите афери и случаеви на Владата на СДСМ каде што се вмешани директно СДСМ и нивни луѓе иако од петни жили се обидуваат да го негираат истото, реагираат повторно од ВМРО-ДПМНЕ.
На денешната прес-конференција, партискиот портпарол, Димче Арсовски, праша за лукзисни автомобили од бизнисмени кои завршиле во семејството на премиерот Зоран Заев.
– Медиумите веќе пишуваат, а СДСМ уште веднаш да одговори – Како е можно луксузни автомобили да завршиле во семејството кај Зоран Заев, односно кај неговиот братучед Трајче Заев? Потенцирам луксузни автомобили кои што биле во сопственост на рекетираните бизнисмени. Истите коли може да се видат како ги возат роднини на Зоран Заев низ Скопје или низ Струмица – праша Арсовски.
Меѓутоа тој одби да одговори кои се тие бизнисмени и ги упати новинарите во обвинителството.
– Медиумите веќе пишуват кои се тие бизнисмени, но јас би ве упатил да се обратите до Јавното обвинителство (ЈО), па да се одважи конечно ЈО и да ги изнесе со име и презиме сите оние кои што, да речам, на еден начин се офајдиле од целиот рекет од бизнимените кои биле уценувани и морале да го платат. За волја на вистината биле рекетирани директно од дружината на Зоран Заев – рече Арсовски.
„Орка холдинг“ ги демантира шпекулациите во дел медиумите дека возилата „бентли“ и „мерцедес“ на оваа компанија биле продадени на член семејството на премиерот Зоран Заев.
– Спомнатите возила беа продадени на друг бизнисмен, а што се случувало понатаму со нив, не е предмет на интерес на „Орка холдинг“ – велат од компанијата.
Шпекулациите во врска со овие две возила се појавија откако скопскиот бизнисмен Владимир Стајиќ беше нападнат од некои медиуми дека дошол до овие возила, а тој јавно изјави дека бил жртва на аферата „Рекет“ и дека е подготвен да сведочи како бил рекетиран.